Бектеши: Ако не поевтинат, ќе се замрзнат и цените на шеќерот, јајцата и оризот

Шеќерот, јајцата од кокошка и оризот се основните прехранбени производи за кои Владата сè уште не донела одлука за замрзнување на нивната цена. Но, како што најави министерот за економија Крешник Бектеши на денешната прес-конференција, наредната недела ќе се прават анализи и за овие производи и доколку се утврди дека нивни цени не се намалени во однос на оние по кои овие производи се продавале на 1 март, идентична мерка Владата ќе донесе и за нив.

„Ни останаа само шеќерот, јајцата од кокошка и македонскиот ориз. Следната недела ќе се направат анализи и за овие производи и ако не ги намалат цените и таму ќе се донесат вакви одлуки“, рече Бектеши.

Ова, како што истакна министерот, не е закана, туку одговорно однесување на Владата во време на криза.

„Затоа очекуваме целосна поддршка од страна на овие стопанственици, а дополнително очекуваме и солидарност од сите стопанственици во нашата држава се со цел кризата да не биде на грбот на граѓаните, грбот на потрошувачите, а простор за намалување и тоа одлично намалување на цените има имајќи ги предвид увозните цени и цените со кои тие ги тие ги произведуваат своите производи“, рече Бектеши.

Владата ги замрзна цените на тестенините и млечните производи: Намалувања за 15 и 10 отсто

Премиерот и министерот за економија денеска на прес-конференција ја соопштија одлуката на Владата да ги замрзне цените на тестенините и на млечните производи со што тие ќе се намалат за 15, односно 10 отсто.

Одлуката ќе се применува од 16 март 2023 година до 31 мај 2023 година.

Од тестенините конкретно станува збор за макароните и шпагетите, а намалувањето на нивните цени ќе биде за 8-9 денари.