
Безбедносната состојба е стабилна, не се очекуваат некакви безбедносни проблеми и дилеми, вели Сиљановска Давкова
„Имавме бурна, но конструктивна дискусија. Сите членови на Советот се согласија дека безбедносната состојба во земјава е стабилна и под целосна контрола. Не се очекуваат сериозни безбедносни закани во блиска иднина“, истакна Сиљановска.
Претседателката на државата, Гордана Сиљановска Давкова, денеска одржа прес-конференција на која ги соопшти деталите од седницата на Советот за безбедност, која траела повеќе од два и пол часа.
На дневниот ред се нашле три значајни точки:
– Глобалните безбедносни предизвици и нивното влијание врз Македонија и регионот
– Климатските промени и зачестените пожари
– Состојбата со евроинтеграцијата по донесувањето на Резолуцијата за Македонија
„Имавме бурна, но конструктивна дискусија. Сите членови на Советот се согласија дека безбедносната состојба во земјава е стабилна и под целосна контрола. Не се очекуваат сериозни безбедносни закани во блиска иднина“, истакна Сиљановска.
Во однос на состојбата на Блискиот Исток, посочи дека кај сите присутни на состанокот биле „неподелени ставовите за потреба од мир“. Рече дека за тоа немаме сигурни гаранции зашто „преговорите се во тек па се прекинуваат“.
-Честопати велам очекував поангажирана и поактивна Организација на Обединетите нации која, за жал, е маргинализирана, рече претседателката.
Во врска со зачестените пожари и климатската криза, претседателката посочи дека ситуацијата е сериозна и дека некои од пожарите можеби не се резултат само на високите температури.
„Има сомневања дека дел од пожарите се намерно подметнати. Сепак, сè додека трае предистражната постапка, тоа останува на ниво на претпоставки“, рече таа, нагласувајќи дека се потребни регионални напори за справување со климатските предизвици.
За состојбата со евроинтеграциите, таа оцени дека донесувањето на Резолуцијата за Македонија е сигнал дека земјата мора јасно да ги дефинира своите национални позиции, без да се отстапува од темелните вредности и интереси.
Во одговор на новинарско прашање за барањето на опозициската СДСМ да не ги потпишува указите за законите за полиција и за внатрешни работи бидејќи, според нив, се укинува професионализмот и полицијата ќе биде под директна команда на министерот за внатрешни работи, таа истакна дека ги добила законите од Собранието и веднаш ги дала на мислење, и оти штом ги разгледа ќе даде свое мислење.
Во однос на случувањата на Блискиот исток и кризата во Газа и каков ќе биде ставот на земјата во однос на прашања како извозот на оружје за Израел и најавите од повеќе влијателни држави за признавање на Палестинската држава и сл., Сиљановска – Давкова посочи дека за таа тема немало дискусија, бидејќи требало да реферира министерот за надворешни работи Тимчо Муцнски, но тој не присуствувал на состанокот. Таа при тоа посочи дека сите биле едногласни дека е потребно да се почитуваат нормите на меѓународното право, да се воспостави трајно решение и траен мир, дека човековите права се неприкосновени и дека е потребно ОН да имаат поголема улога.
Членови на Советот за безбедност по функција се: Африм Гаши, претседател на Собранието; Христијан Мицкоски, претседател на Владата; Панче Тошковски, министер за внатрешни работи; Владо Мисајловски, министер за одбрана; Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи и надворешна трговија и тројцата членови, именувани од претседателката: Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска-Јорданова и Владо Спиридонов.
На втората седница на Советот за безбедност, на покана на претседателката Сиљановска-Давкова беше најавено и присуството на директорот на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски; директорката на Агенцијата за разузнавање, Габриела Јаковлева и директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.