БЕГ: Ниту килограм мазут нема да се потроши и плати!
„Согласно член 153 од Закон за енергетика, Производство на топлина Балкан Енерџи ДООЕЛ како регулиран производител на топлинска енергија е должен во текот на грејната сезона да обезбеди оперативни резерви од алтернативно гориво во количина којашто е потребна за најмалку 15 дена работа со максимален капацитет“. Ова го соопштија од БЕГ и потенцираа дека според таа обврска, нивната компанија, секоја година објавува јавен повик за набавка на алтернативно гориво, кое би се користело исклучиво во случај ако има прекин на испорака на природен гас за работа на топланите.
„Досега, од 2013 година кога целосно се гасифицирани топланите со кои управува Производство на топлина Балкан Енерџи ДООЕЛ, не е потрошен ниту еден кг мазут, ниту пак во одлуките за цена за греење донесени од страна на Регулаторната комсија за енергетика и водни услуги се одобрени трошоци за набавка на мазут“ соопштија од БЕГ.
Истакнаа и дека склучената рамковна спогодба за набавка на алтернативно гориво е реализирана после два неуспешни јавни повици за набавка на алтерантивно гориво.
„Таа е необврзувачка за Производство на топлина Балкан Енерџи ДООЕЛ и нема никакви финансиски импликации доколку не се набави гориво по истата, односно доколку нема прекин на испорака на природен гас до топланите“ – нагласија од БЕГ.