БЕГ контра Битиќи: Немаме обврски за новата грејна сезона!
Од компанијата БЕГ Производство посочуваат дека по одземањето на лиценцата на 20 јуни имале законски рок да ја извршува дејноста кој истекол и во кој период се направени ремонти. Договорот за закуп на топланите „Исток“ и „Запад“ со „Адора“ е раскинат а договорот со ЕСМ е истечен.
„Во врска со информациите во јавноста дека БЕГ – Производство треба да продолжи да испорачува топлинска енергија во новата грејна сезона до изборот на нов носител на лиценцата, сакаме да информираме за следното:
Согласно член 51 од Законот за енергетика БЕГ – Производство имаше законска обврска да продолжи да ја извршува дејноста, до истекот на рокот од 90 дена за избор на нов вршител на дејноста, кој е веќе истечен. Во овој период БЕГ Производство продолжи да ја врши дејноста и ги заврши сите неопходни ремонтни активности во топланите се со цел новиот носител на лиценца да може непречено да ја започне новата грејна сезона.
БЕГ Производство нема правна основа за користење на топланите, бидејќи Договорот за закуп е раскинат и новиот сопственик на топланите побара примопредавање на истите. Дополнително, компанијата е финансиски неспособна за вршење на дејноста, поради големите загуби остварени во претходната грејна сезона како резултат на неколкукратно зголемените трошоци за набавка на енергенси и електрична енергија кои не беа покриени со одобрените тарифи од Регулаторна комисија за енергетика.
Заради овие причини на 09.06.2022 год. БЕГ – Производство до РКЕ поднесе барање за престанок на лиценцата се со цел навремено и непречено да се избере нов носител на лиценца за вршење на дејноста производство на топлинска енергија за новата грејна сезона.
На 20.06.2022 год. РКЕ донесе решение за престанок на лиценцата на БЕГ – Производство.
Во врска со договорот за деловно – техничка соработка помеѓу БЕГ – Производство и АД ЕСМ сакаме да ја информираме јавноста дека овој договор беше со важност до 31.03.2022 год., односно истиот е истечен.
Од погоре наведеното очигледно е дека БЕГ – Производство нема правен основ да располага со топланите, нема обврска да продолжи со вршење на дејноста во новата грејна сезона, ниту пак има финансиска можност и кредитна способност за набавка на гориво за производство на топлинска енергија“ се вели во соопштението од БЕГ.
Ова доаѓа откако вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи изјави дека „се додека не се избере нов економски оператор, БЕГ мора да испорачува топлинска енергија кон граѓаните“.
Се понеизвесно е како ЕСМ ќе испорача топлинска енергија за скопјани со оглед дека грејната сезона почнува на 15 октомври.