Од Министерството за здравство попладнево соопштија дека Институтот за јавно здравје денеска пријавил за починато дете на шестмесечна возраст, кое во регистарот „Мој Термин“ е заведено дека починало на 03 овој месец.
Според податоците добиени од Клиниката за детска хирургија, станува збор за дете со вродена аномалија на черепот. Доенчето е примено на Клиниката за неврохирургија заради оперативна интервенција.
По добивање на ковид позитивен тест, детето е ставено во изолација на респираторна машина и е ординирана соодветна терапија. Со цел постоперативно третирање детето е хоспитализирано на Клиника за детска хирургија.
По континуиран период на лоша општа состојба (со настаната респираторна и хепатална инсуфициенција и тестови со наод во прилог на дисеминиранта интраваскуларна коагулопатија) во текот на престојот на Клиниката, на 03.01.2022 доаѓа до дополнително влошување на општата состојба.
Лекарите на Клиниката ги преземале сите мерки за интензивно лекување и реанимација, но и покрај тоа за жал малиот пациент починал, информираа од МЗ.