Бебе починало при пораѓање мајка на возраст од 21 година во битолската болница. Причините за смртниот исход ќе треба да ги покаже обдукцијата.
Бебето било родено со царски рез, посочува директорката на болницата, Елизабета Ивановска, за „Макфакс“. Според неа, бременоста на родилката не била контролирана. Таа додава дека бебето било извадено без срцева акција, а не помогнале ниту реанимациите. Мајката во Македонија немала контролирана бременост, а до седмиот месец била во Германија.
Прва контрола на родилката била на крајот на седмиот месец на приватен гинеколог. Од таму била препратена во битолската болница, каде што е породена. Дали бременоста била контролирана во Германија директорката не знаеше.
„Досега имала четири бремености, две бебиња ѝ се починати. На истиот начин ѝ починало бебето и пред три години. Бебето е родено мртво, без фрекфенција, без срцева акција. Реанимирано е, немало никаков одговор. Имало голем вишок плодова вода. Поради тоа, направен е и царски рез. Најверојатно, имало аномалија бидејќи во 90 отсто од случаите, кога има вишок плодова вода, тоа е причината“, вели Ивановска за „Макфакс“.
Таа посочува дека родилката немала забелешки од докторката што ја породувала.
„Незадоволство немаше“, додава Ивановска.
Родилката ќе биде задржана во болница.
„Таа е добро, ќе биде во болницата, како што е според протоколот“, додава Ивановска.
Пред три месеци во битолската болница почина бебе, исто така на млада родилка.