БГНЕС: Целосниот текст на Протоколот меѓу РСМ и Бугарија

Францускиот предлог за решавање на спорот меѓу Бугарија и РС Македонија се состои од три независни елементи кои можат само целосно да одговорат на прашањето дали РСМ е подготвена да ги започне преговорите за членство во ЕУ. Бугарската агенција БГНЕС го објави во целост.

„Првиот документ, нацрт-заклучоците на Советот, кажува дека темата за ‘билатералните односи Скопје-Софија’ ќе биде дел од преговарачкиот процес. Овој документ, како и вториот документ, преговарачката рамка, се однесуваат на трет, клучен документ – билатерален протокол, во кој нема ништо француско и е целосно резултат на договор меѓу министерствата за надворешни работи на двете земји. Ова е всушност патоказ со конкретни заложби и чекори кои Скопје мора да ги исполни како возврат да го укинаме ветото“, објаснува БГНЕС.

Притоа, агенцијата во уводниот дел од својот текст констатира: „Иако недоволно, билатералниот протокол ја прави историјата услов на преговарачкиот процес“.

„Пред свикувањето на првата меѓувладина конференција, Скопје се обврза да ја усвои веќе усвоената формулација од Заедничката историска комисија во врска со цар Самуил како бугарски крал, веднаш менувајќи ги знаците и натписите на неговите споменици во земјата и на Самуиловата тврдина во Охрид. Предвидено е и веднаш да се смени текстот за цар Самуил во учебникот за VII одделение, како и да се претстави примерок од лекцијата што ќе ја отслика новата формулација во согласност со постигнатиот компромис. Билатералниот протокол предвидува на сличен начин да се решаваат и други спорни историски теми, со што ќе се интензивира работата на историската комисија“, објаснува БГНЕС и додава дека досега овој Протокол не е потпишан и најверојатно ќе има дополнувања и појаснувања кои треба трајно да ги отстранат сите спорови меѓу двете земји кои се однесуваат на периодот од почетокот на 20 век до средината на минатиот век.

 

Записник од вториот состанок на Мешовитата меѓувладина комисија формирана врз основа на член 12 од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија:

Имајќи го предвид развојот на пријателски односи меѓу државите засновани на почитување на принципите на еднаквост и правото на народите на самоопределување,

убедени во потребата од зајакнување на безбедноста, стабилноста и соработката во Југоисточна Европа во духот на заедничките евроатлантски вредности,

истакнувајќи ја потребата за решавање на отворените билатерални прашања, враќање на довербата и строго спроведување без понатамошно одложување на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка потпишан во 2017 година,

двете страни го разгледаа спроведувањето на овој Договор, усвоија мерки за подобрување на билатералната соработка и решавање на прашањата кои произлегуваат од спроведувањето на Договорот.

ДНЕВЕН РЕД:

  1. Преглед на постигнатите резултати во имплементацијата на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија за периодот од 10 јуни 2019 година до… 2022 година во областа на секторските соработки;
  2. Усвојување на Годишниот извештај за работата на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија;
  3. Усвојување насоки за активности за спроведување на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија за следниот период;
  4. Потпишување на записникот од вториот состанок на Мешовитата меѓувладина комисија.