Над 130 претседатели, премиери и монарси ќе зборуваат заедно со десетици министри на дводневниот Самит за иднината во Њујорк, во рамки на 79-та сесија на Генералното собрание на ОН.
Една од главните теми се очекува да бидат војните во Газа, Украина и Судан и зголемената можност за ескалација на војната на Блискиот Исток.
Генералниот секретар на Обединетите нации – Антонио Гутереш минатата недела изјави за Ројтерс дека решение за војните во Газа и Украина во моментов не е на повидок.
Значаен момент на отворањето на парламентарната средба ќе биде последниот поголем настап на американскиот претседател Џо Бајден поради завршувањето на неговиот претседателски мандат, пренесува Танјуг.
За да одговори на многуте глобални предизвици, Линда Томас-Гринфилд, американскиот амбасадор во ОН, рече дека фокусот на САД на состаноците ќе биде да се стави крај на „неволјата на војната“, бидејќи две милијарди луѓе живеат во областите погодени од конфликти.
Во четврток наутро треба да зборува палестинскиот претседател Махмуд Абас, а в четврток попладне израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.
Володимир Зеленски, претседателот на Украина, ќе зборува двапати – во вторник на состанокот на високо ниво на Советот за безбедност на ОН, свикан од САД, Франција, Јапонија, Малта, Јужна Кореја и Велика Британија, а ќе се обрати и пред Генералното собрание, во среда наутро.
Францускиот претседател Емануел Макрон и британскиот премиер Кир Стармер ќе бидат во ОН со Бајден, но рускиот претседател Владимир Путин и кинескиот претседател Кси Џинпинг ги испраќаат своите министри за надворешни работи.
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров треба да се обрати на Генералното собрание на 28 септември.