Бајден „ја отвори душата“ и кажа зошто се повлече од претседателската трка

„Голема чест е да се биде претседател, но имам обврска кон земјата да ги направам најважните работи што можам. А тоа е да го победиме (Доналд) Трамп“, рече Бајден за време на интервјуто за Си-Би-Ес планирано да се емитува во недела.

Бајден наведува дека е свесен дека е стар.

„Мислев дека сум претседател во транзиција кога првпат се кандидирав за функцијата. Не можам ни да кажам колку години имам. Тешко ми е да го извадам тоа од уста“, рече Бајден.

Излегувањето на Бајден од трката дојде неколку недели по катастрофалната дебата меѓу поранешниот претседател Трамп и тој самиот, додека се поголем број демократски функционери бараа тој да се повлече. Бајден првично одби и рече дека само Господ ќе го отстрани од трката за Белата куќа.

Сепак, тој се согласи да се откаже од трката, но само откако демократските членови на Домот и Сенатот го повикаа да се откаже и откако главните донатори предупредија дека ќе ги задржат идните придонеси.

Бајден веднаш ја поддржа кандидатурата на неговиот потпретседател Камала Харис, која брзо ја консолидираше поддршката меѓу партиските старешини.

Бајден, исто така, изјави за CBS дека стравува дека исходот од изборите може да доведе до насилство.

„Велат дека изборите ќе бидат украдени и ќе има крвопролевање ако загубат… Погледнете што се обидуваат да направат сега во локалните изборни единици ставајќи луѓе во места во државите каде што ќе ги бројат гласовите. Не ја сакајте својата земја само кога ќе победите“, рече Бајден.

Претседателските избори во САД ќе се одржат на 5 ноември.