Бајден предвреме си отиде од самитот во Германија поради лоши временски услови
Претседателот на САД – Џо Бајден го напушти самитот на Групата седум (Г7) во Германија порано од планираното, поради лошите временски услови, пренесува „АП“.
Бајден денеска требаше да зборува на последната седница на лидерската средба на Г7 во германскиот замок Елмау, на Баварските Алпи, пред да замине за Минхен со хеликоптер, а оттаму беше планирано да замине со претседателски авион во Мадрид за самитот на НАТО.
Белата куќа соопшти дека во услови на магла, ниска облачност и можност за грмежи во близина на местото на самитот, Бајден ќе мора да помине дел од патот со конвој моторни возила до Минхен.
Пред неговото претходно заминување, Бајден се состана со британскиот премиер Борис Џонсон, францускиот претседател Емануел Макрон, италијанскиот премиер Марио Драги и домаќинот на самитот, канцеларот Олаф Шолц.
По пристигнувањето во Мадрид, американскиот претседател треба одделно да се сретне со шпанскиот премиер Педро Санчез и кралот Фелипе Шести.