САД ќе обезбедат повеќе од осум милијарди долари воена помош за Украина, за да ѝ помогнат на земјата во борбата против руската инвазија, најави американскиот претседател Џо Бајден на средбата со својот украински колега Володимир Зеленски на средбата во Белата куќа.
Помошта вклучува прва испорака на прецизно наведувани бомби со дострел до 130 километри, ракетни системи Патриот, како и муниција воздух-земја.
Американскиот претседател истакна дека му наредил на Пентагон да ги распореди сите преостанати пари од воена помош до крајот на неговиот мандат во јануари следната година и додаде дека САД ќе продолжат да ѝ помагаат на Украина да ја зајакне позицијата на бојното поле.
„Даваме до знаење дека сме со Украина сега и во иднина“, рече Бајден на средбата со Зеленски.
Зеленски му се заблагодари на Бајден за поддршката, велејќи дека таа вклучува важни одбранбени ресурси. Истакна дека Украина ќе ги користи овие средства најефикасно и транспарентно.
„Ќе ја искористиме помошта за да ја постигнеме заедничката цел: победа на Украина, праведен и траен мир и трансатлантска безбедност“, напиша Зеленски во објава на Икс по средбата со Бајден.
На средбата со американскиот претседател, Зеленски му го претставил, како што го нарече, планот за победа против Русија и повторно побара од САД да ги укинат ограничувањата за употреба на оружје со долг дострел против руски воени цели. Бајден порача оти „Русија нема да победи во војната“.
„Украина ќе победи и ние ќе бидеме со вас цело време“, му рекол Бајден на својот украински колега.