Американскиот претседател Џо Бајден во петокот објави дека американската војска ќе започне со авионско исфрлање храна и залихи за цивилите во Појасот Газа во наредните денови, еден ден по смртоносните истрели врз Палестинците кои чекаа хуманитарна помош, што го привлече вниманието на хуманитарната катастрофа во енклавата.
Бајден рече дека воздушното испорачување на хуманитарна помош ќе се случи во наредните денови, но не откри поединости. Други земји, вклучително Јордан и Франција, веќе испратија помош во Газа, но некои од тие пратки исфлрени од воздух не завршиле на целта.
Најмалку 576.000 луѓе во Појасот Газа, четвртина од населението на енклавата, се на работ на глад, според Канцеларијата на Обединетите нации за координација на хуманитарни прашања.
Здравствените власти во Газа соопштија дека израелските сили во четвртокот убиле повеќе од 100 луѓе кои се обидувале да стигнат до хуманитарен конвој во близина на градот Газа. Палестинците се соочуваат со очајна ситуација речиси пет месеци од почетокот на војната што започна со нападот на Хамас врз јужен Израел на 7-ми октомври, а израелската војска возврати истиот ден со сеопфатно бомбардирање од воздух, копно и море врз тесната енклава, а од 27-ми октомври и со масивна копнена офанзива.
Израел ја обвини за инцидентот масата луѓе собрани околу камион со помош, тврдејќи дека жртвите наводни биле прегазени. Израелски функционер, исто така, рече дека армијата подоцна истрелала „ограничен одговор“ врз масата луѓе која ја сметала за закана.
Со оглед на тоа што луѓето консумираат добиточна храна, па дури и кактуси за да преживеат, додека здравствените работници велат дека децата умираат во болниците од неухранетост и дехидрација, ОН соопштија дека се соочуваат со „огромни пречки“ во доставувањето помош.