Американскиот претседател Џо Бајден го нарече кинескиот претседател Си Џинпинг диктатор, јави Би-Би-Си.
Неговите коментари доаѓаат еден ден откако американскиот државен секретар Ентони Блинкен се сретна со Си Џинпинг во Пекинг во обид да ги намали тензиите меѓу двете суперсили.
Според Бајден, Си Џинпинг е вознемирен од неодамнешната тензија околу кинескиот шпионски балон кој беше соборен над Соединетите држави.
„Причината зошто Си Џинпинг беше многу вознемирен, во врска со тоа што го соборив овој балон полн со шпионска опрема во него, беше затоа што тој не знаеше дека е таму. За диктаторите е голем срам кога не знаат што се случило“, објасни американскиот претседател.
Посетата на Ентони Блинкен на Пекинг, прва на врвен американски дипломат во речиси пет години, ја обнови комуникацијата на високо ниво меѓу двете земји.
И Бајден и Си Џинпинг го поздравија како добредојден развој.
Вашингтон и Пекинг долго време имаат спорови за низа прашања, вклучително и трговијата, човековите права и Тајван. Но, односите особено се влошија во последната година. Со оглед на тоа што претстојните избори во САД и тензиите со Кина се наѕираат како политичко прашање, некои републикански сенатори ја нападнаа администрацијата на Бајден дека е „мека“ кон Кина.