Западните земји направија сѐ за да ја подготват Украина за контраофанзива, изјави синоќа американскиот претседател Џо Бајден на прес-конференција со британскиот премиер Риши Сунак.
„Дозволете ми да започнам со одговарање на прашањето. Пред сè, Украинците треба да зборуваат за воените операции. Нема да го правам тоа од овде. Направивме сѐ што можевме колективно, уште повеќе индивидуално во Соединетите Држави, за да ги подготвиме, поддршката ќе продолжи“, одговори американскиот претседател на новинарското прашање дали воената помош за Киев ќе продолжи со оглед на контраофанзивата што ја започна Украина.
Бајден додаде дека „многу сме оптимисти во разговорите со Украинците“.
Американскиот претседател нагласи дека САД и нивните сојузници имаат намера да му пружат помош на Киев за обезбедување „долгорочна безбедност“.
„Напредуваме кон оваа цел обезбедувајќи ја поддршката што ѝ треба на Украина сега на бојното поле и помагајќи им да ја зајакнат својата војска долгорочно“, додаде Бајден.