Коментарите на украинскиот претседател Володимир Зеленски, дека проектилот што падна на Полска не бил украински, не се доказ, смета американскиот претседател Џо Бајден.
„Тоа не е доказ“, им рече Бајден на новинарите во Белата куќа по враќањето од патувањето во Азија.
Украинските медиуми на 16 ноември објавија дека украинскиот претседател Володимир Зеленски изјавил дека без сомнение тоа не било нивна ракета. Тој рече дека својот заклучок го засновал на извештаите на украинската армија, во кои „не може, а да не верува“.
Русија негираше дека нејзините проектили погодиле полска територија, велејќи дека извештаите се „намерна провокација“ за ескалација на ситуацијата.
Полските власти соопштија дека ракета од руско производство паднала врз селото Пржеводов, во источна Полска, на околу шест километри од границата со Украина, при што две лица загинаа.
Западните претставници, меѓу кои и шефот на НАТО, Јенс Столтенберг, изјавија дека несреќата во Полска најверојатно била предизвикана од украинска ракета за воздушна одбрана. Рекоа и дека засега нема индиции дека се работи за намерен напад и дека истрагата за тоа што се случило е во тек.
Украина побара итен пристап до местото на експлозијата. Инцидентот се случи за време на, како што рече Киев, најинтензивниот бран на руски ракетни напади врз градови низ Украина од почетокот на војната во февруари.