Бајден во посета на Полска, САД помагаат околу бегалците од Украина

Претседателот на САД – Џо Бајден денеска пристигна во Жешов, град во Полска, за од прва рака да ги види меѓународните напори за помош на милиони Украинци кои бегаат од војната во оваа земја и да ги посети американските трупи кои го зајакнуваат источното крило на НАТО.

Бајден уште на аеродромот беше брифиран за помошта на цивилите кои бегаат од руските напади, од кои повеќето пристигнуваат во Полска.

Тој вчера во Брисел кажа дека неговата посета „уште еднаш ќе ја покаже подготвеноста на САД хуманитарно да им помогнат на луѓето во и надвор од Украина“.

Бајден подоцна ќе се сретне со членовите на американската 82-та воздушна дивизија распоредена таму за зајакнување на источното крило на НАТО, а вечерва ќе отпатува за Варшава, на разговори со претседателот Анджеј Дуда.

Полска се надева дека посетата на Бајден ќе го потврди американското ветување дека ќе го брани „секој сантиметар“ од територијата на НАТО.