Претседателот на САД, Џо Бајден во својот прв говор во Овалната канцеларија ги пофали републиканските и демократските преговарачи и го пофали претседателот на Претставничкиот дом Кевин Мекарти за соработката со него на договорот, кој двајцата го финализираа само неколку дена пред Министерството за финансии да остане без пари за плаќање на сметките на владата. Тој потсети на претходните повици на републиканците за намалување на социјалното осигурување и Медикер и остро ги осуди нивните предложени кратења на Медикеид, на инвестициите во чиста енергија и финансирањето на даночната управа.
„Можеби тоа нема да им се допадне на републиканците, но ќе се погрижам богатите да го платат својот фер дел. Ќе се вратам и со ваша помош ќе победам“, рече Бајден.
Обраќањето му овозможи директно да разговара со американскиот народ, не во време на непосредна криза, туку да извести за време на избегната криза.
„Никој не доби сè што сакаше, но американскиот народ го доби она што му беше потребно. Спречивме економска криза, економски колапс“, нагласи тој и рече дека планира да го потпише компромисниот закон за плафонот на долгот.
Поранешниот претседател Доналд Трамп изјави дека попрво би дозволил банкрот отколку да се согласи со отстапките што ги направија републиканците.
Пред говорот на Бајден, последното обраќање на Трамп во Овалната канцеларија беше на 13 јануари 2021 година, кога Трамп го осуди насилството по нападот на американскиот Капитол на 6 јануари и повика на смиреност пред инаугурацијата на Бајден.