Бафет продаде акции на „Епл“ за 20 милијарди долари

Американскиот холдинг Беркшир Хатавеј објави рекордни 189 милијарди долари во готовина во првиот квартал од оваа година, благодарение на континуираната продажба на нејзините акции, вклучително и на „Епл“ (Apple), која е една од нејзините најголеми позиции.

Бројките на холдинг-компанијата, на чело со Ворен Бафет, ги покажуваат тешкотиите на милијардерот и неговиот тим во обидот да најдат соодветни инвестиции, како и релативната привлечност на високите приноси на американскиот државен долг, пишува Фајненшел тајмс.

Компанијата неодамна објави дека продала акции вредни нешто помалку од 20 милијарди долари во првите три месеци од оваа година, додека купила имот во вредност од 2,7 милијарди долари. Како резултат на тоа, вредноста на капиталното портфолио на Беркшир падна на 336 милијарди долари, од 354 милијарди долари на крајот на годината.

Оперативната добивка на компанијата на Бафет скокна за 39 отсто во споредба со претходната година.

Беркшир продаде значителен дел од својот удел во „Епл“, кој е една од главните инвестиции на овој холдинг од 2016 година. Компанијата соопшти дека нејзиното портфолио кај производителот на ајфон било вредно 135,4 милијарди долари во првиот квартал, што е намалување од 174,3 милијарди долари на крајот на 2023 година.

Тој факт покажува дека холдинг-компанијата продаде околу 115 милиони долари акции на почетокот на годината, или 13 отсто од својот удел. На крајот на декември, Беркшир почна да ги намалува акциите во „Епл“, продавајќи акции во вредност од околу 10 милиони долари.

Бафет долго време го фалеше менаџерскиот тим на „Епл“, а во 2022 година ја опиша компанијата како еден од „четирите гиганти“ на Беркшир, заедно со осигурувањето, железницата БНСФ и компанијата за енергија и комунални услуги Беркшир Хатавеј енерџи. Извршниот директор на „Епл“, Тим Кук, изјави за Си-Ен-Би-Си дека Бафет го информирал за продажбата на акциите во петокот. Кук додаде дека сè уште е „привилегија да се има Беркшир како акционер“.

Беркшир забележа солидна заработка во првиот квартал, речиси целосно поттикната од подобрувањата во нејзиниот осигурителен бизнис, како и поттикот од повисоките каматни стапки. Оперативната добивка скокна за 39 отсто во однос на претходната година на 11,2 милијарди долари.