Барселона го потврди ангажманот на Дани Олмо!

Дани Олмо од денеска и официјално е нов фудбалер на Барселона, шпанскиот офанзивен играч се врати во клубот од каде што потекнува.

Барселона денеска го потврди трансферот на Дани Олмо кој треба да биде големо засилување за составот на Ханси Флик.

„Барселона и Лајпциг постигнаа договор за трансфер на Дани Олмо. Фудбалерот потпиша договор за следните шест сезони, со трајност до 30 јуни 2030 година со откупна клаузула од 500 милиони евра“, стои во соопштението на Барселона.

Олмо седум години беше дел од школата на Барселона од каде замина во Динамо Загреб, а од таму се пресели во Лајпциг.

Барселона за Олмо на Лајпциг ќе му плати повеќе од 60 милиони евра со вклучени бонуси.