Барса со луд пресврт против Селта, од 0-2 до 3-2 за само 8 минути

Барселона направи голем пресврт и ја совлада Селта Виго со 3-2 (0-1), со три гола во последните десет минути во рамките на шестото коло на Примера. Гостинската екипа одигра солиден натпревар, водеше со 0-2, ама на крајот загуби концентрација и претрпе пораз.

Селта поведе по 19 минути игра преку Ларсен, кој по асистенција на Де ла Торе донесе предност од 0-1. Гостинот покажа повеќе во првиот дел, имаше обиди и преку Аспас и асистентот на голот, меѓутоа не успеа да ја удвои предноста. Барселона не успеваше да се наметне, во вториот дел бркаше резултат и имаше повеќе посед на топка, ама без решение пред голот на Селта. Удвојување на предноста донесе Анастасиос Дувикас кој во 76. минута стрела за 0-2.

Каталонците сепак не се предадоа и успеаја да ја израдуваат публиката на „Естадио Олимпико“ со три гола за пресврт во осум минути. Прво на сцена стапи Роберт Левандовски. Полјакот доби одлична топка преку одбраната од Феликс, па го лобува голманот за 1-2 во 81. минута. Пет подоцна Левандовски донесе израмнување, откако добро се снајде по уфрлување на Кансело за 2-2.

Токму Жоао Кансело беше човекот кој го комплетира пресвртот, во 89. минута донесе огромна радост за својот тим.