Баросо: ЕУ не е подготвена да прими земја која е во војна

ЕУ не е подготвена да прими во членство земја која се наоѓа во војна, бидејќи тоа и неа би ја внело во воениот конфликт, смета поранешниот претседател на Европската комисија и некогашен португалски премиер Жозе Мануел Дурао Баросо.

Европската унија не е подготвена да прими земја што е во војна, како Украина, бидејќи тоа би било како да ја пренесе војната во ЕУ, изјави Баросо во обраќање на отворањето на Конференцијата посветена на процесот на зачленување на Украина во ЕУ, насловена „Пристапување на Украина во Европската унија – што ни треба за успешно проширување“.

Баросо смета дека наместо на зачленување на Украина, ЕУ треба да работи на спречување на ширење на конфликтот, бидејќи „порано или подоцна мора да бидеме подготвени за можен договор за разбирање“.

– Постои агресор и нападната земја – тоа е асиметрична ситуација и она што ни треба е мир. Се уште не сме стигнале до таа ситуација, но тоа е многу важно. Во спротивно, му даваме причини на (рускиот претседател Владимир) Путин да ја продолжи војната со години, додаде Баросо.

Според него, украинскиот конфликт претставува европски проблем, бидејќи ако „Путин победи во војната во Украина, тоа нема да е само пораз за Украинците, туку и на нас Европејците“.

– Кога луѓето ме прашуваат каде е „европската армија“, јас им велам тоа е украинската армија. Украинската армија е „европска армија“, изјави Баросо, додавајќи дека ставовите што ги изнесува во обраќањето се негово „лично“ мислење.

Осврнувајќи се одлуката на лидерите на ЕУ од Самитот во декември минатата година за почеток на пристапните преговори со Унијата, Барозо посочи дека Киев пројавил интерес за приклучување во блокот уште по „Портокаловата револуција“ во 2005 година, но тогаш немало консензус меѓу земјите членки за прием на земјата, па наместо преговарачки процес и е понуден Договор за асоцијација.

– Во тој период имав контакти со претседателот Путин. Тој никогаш не се спротивстави на Договорот за асоцијација со Украина или дури на нејзино зачленување во Европската Унија. Тој многу јасно стави до знаење дека не прифаќа членство на Украина во НАТО, како што нагласи во Букурешт во 2008 година, рече Баросо.

Тој додаде дека седум дена подоцна разговорот со Путин им го пренел на членовите на Европската комисија, а потоа делови од него биле објавени и во јавноста.

– На Кремљ не му се допадна тоа. Не го негираа објавеното, туку тврдеа дека зборовите на Путин сум се ги извадил од контекст, изјави Баросо, додавајќи дека му „било јасно дека емотивно и политички“ Путин не ја прифаќа украинската реалност.

Според Баросо, Путин не го сака само Крим, туку и цела Украина.

– Путин не е луд, тој е опасен и автократ, но не е ирационален. Тој направи голема грешка. Тој не сметаше на решителноста на украинскиот народ и на поддршката од европскиот блок и САД, изјави Баросо, додавајќи дека руската агресија врз Украина резултирала со „тотална војна среде Европа“.