Барнс: Иако САД веруваат дека Израел и Иран не сакаат сеопфатен конфликт, сепак, постои ризик од погрешна проценка на ЦИА
Шефот на ЦИА, Вилијам Барнс денеска изјави дека иако американската разузнавачка заедница верува дека ниту Израел ниту Иран не сакаат „сеопфатен конфликт“, постои голем ризик од погрешна проценка.
-Се соочуваме со реална опасност од натамошна регионална ескалација на конфликтот, рече Барнс на прес-конференција во САД, пренесе Си-Би-Ес Њуз.
Според него, Блискиот Исток е место каде постојано се случуваат комплицирани работи.
-Споделувањето на разузнавачките информации меѓу САД и Израел помогна да се порази иранскиот ракетен напад на 1 октомври, рече Барнс.
Нападот откри некои слабости во воените капацитети на Техеран, но, како што истакна тој, „тоа не значи дека тие (Иран) не се моќни“, и тоа е нешто што не само Израел, туку и САД треба да го сфатат „многу сериозно“.
За конфликтот во Газа, Барнс рече дека неколку пати биле блиску до постигнување договор за заложниците и прекин на огнот, но тоа постојано излегува „од контрола“.
Првиот американски разузнавач оцени дека мора да се направат тешки избори и компромиси во интерес на долгорочна стратешка стабилност.