Банките ги заострија кредитните услови
Дури 80% од менаџерите на големите банки оценуваат дека висината на каматата на кредитите е еден од условите кои се променил при одобрување на кредити а 24,6% изјавиле дека изминатите месеци е намалена побарувачката за кредити од страна на малите и средни фирми, пишува Порталб.мк.
Банкарите оценуваат дека во следниот период ќе има олабавување на кредитните услови и благо зголемување на побарувачката.
Сите банки го следеа сигналот на Народната банка – ја заострија кредитната политика. Најновата Анкета на НБМ покажува дека банкарите го “затегнаа ременот “за кредитирање, пред се преку зголемување на каматите за кредити. Сите банки во оваа анкета потврдиле дека монетарната политика влијаела врз промена на кредитните услови.
Ваквите одговори се очекувани во услови кога граѓаните и фирмите ги исплатија и првите рати за поскапените кредити. Повисоките камати ја забавија побарувачката на кредити од страна на претпријатијата. Прогнозите на банкарите укажуваат на натамошно заострување на кредитните услови за фирмите а со оглед на веќе намаленото кредитирање, во вториот квартал банкарите очекуваат мало зголемување на побарувачката на кредити.
„За вториот квартал од 2023 година, се очекува минимално нето заострување на кредитните услови за одобрување корпоративни кредити. За вториот квартал од 2023 година, банките очекуваат умерено нето-зголемување на кредитната побарувачка од страна на претпријатијата” – се наведува во Анкетата на НБМ.
При одобрување на кредити за фирми, 100% од менаџерите на големите банки дале оценка за важноста на следниве критериуми при одобрување на кредити на фирми : познавање на клиентот, бонитет на фирмата, капитална моќ, приходи и квалитет на проект.
44,5% од водечките големи банки во овој втор квартал очекуваат зголемување на побарувачката на кредити од страна на компаниите.
Годинава започна со заострени кредитни услови и за граѓаните, но во овој тековен втор квартал банкарите очекуваат мало олабавување на условите за кредитирање. Дали тоа ќе се случи со оглед на натамошното заострување на монетарната политика – ќе покаже следната нова анкета. Поголемо заострување на кредитните услови имаше за потрошувачките и за станбените кредити кои се и најбарани од страна на населението.
Во услови на воздржана побарувачка за кредити, банките се во “лов” на клиенти, па така конкуренцијата меѓу банките во понудата за кредитирање стана еден од позначајните фактори во изминатиот период.
„Конкуренцијата од другите банки и натаму е главниот фактор којшто придонесува за нето-олеснување на кредитните услови и кај станбените и кај потрошувачките кредити” – се наведува во Анкетата.
При одобрување на кредити за население, најголем фактор според 100% од банкарите имаат приходите на клиентот, 97% сметаат дека на второ место е бонитетот а 88,1% дека важна е вредноста на хипотеката.
Скоро половина или 44,4% од банкарите изјавиле дека побарувачката за кредити изминатиот период од страна на населението е делумно намалена а 55% дека во основа е непроменета. Заклучно со првиот квартал корпоративниот сектор ( фирмите) по основ на кредити должеле 3,9 милијарди евра додека домаќинствата 3,5 милијарди евра. “Порталб” веќе објави анализа за зголемувањето на каматите за кредити како последица на заострување на монетарната политика, а токму зголемените камати се еден од основните фактори за заострување на кредитните услови и за забавување на побарувачката за кредити.
Според Проценките на економистите претпазливата монетарна политика ќе доминира и во текот на оваа 2023 та поради сеуште присутните инфлаторни притисоци.