Банка на Русија: 70 проценти од фабриките во Русија се соочуваат со недостиг на работна сила
Приближно 70 проценти од фабриките во Русија се соочуваат со недостиг на работна сила, изјави денеска гувернерката на Банка на Русија, Елвира Набиулина.
– На пазарот на трудот влијаат и други долгорочни трендови, особено демографски, додека продуктивноста на трудот заостанува зад растот на платите, нагласи Набиулина, додавајќи дека сите споменати фактори вршат притисок врз руската економија.
Таа наведе дека истражувањето е спроведено во околу 15.000 руски фабрики.
Управниот одбор на Банката на Русија денеска одлучи да ја задржи референтната каматна стапка на 16 отсто. Како што се истакнува во соопштението на централната банка, намалувањето на инфлацијата во Русија на посакуваните четири проценти бара рестриктивната монетарна политика да се одржува подолго од првично планираното.
Рускиот претседател Владимир Путин вчера предупреди дека на неговата земја сè уште и се заканува раст на инфлацијата, но според него трендовите се позитивни.
Тој нагласи дека Русија во следните шест години треба радикално да го зголеми индустриското производство „за десетици проценти“, како и дека нови компании, вклучително и високотехнолошки, треба да се појават буквално насекаде во земјата.