Банката на Грција предвидува тригодишен стабилен раст на грчката економија од 2,1 отсто

Според тековните прогнози на Банката на Грција, стапката на раст на БДП во 2025, 2026 и 2027 година се предвидува да изнесува 2,1 отсто и маргинално да се промени на 2 проценти во 2028 година, надминувајќи ја просечната предвидена стапка на раст на еврозоната, пишува во привремениот извештај на Банката на Грција за монетарната политика во 2025 година, јави дописничката на МИА од Атина.

Според тековните прогнози на Банката на Грција, стапката на раст на БДП во 2025, 2026 и 2027 година се предвидува да изнесува 2,1 отсто и маргинално да се промени на два проценти во 2028 година, надминувајќи ја просечната предвидена стапка на раст на еврозоната, пишува во привремениот извештај на Банката на Грција за монетарната политика во 2025 година, јави дописничката на МИА од Атина.

Според извештајот, главна компонента на растот се очекува да биде потрошувачката, додека инвестициите и извозот ќе продолжат позитивно да придонесуваат.

Процените се дека инвестициите ќе пораснат со висока стапка од 7,3 отсто во периодот 2025 – 2026 година, додека по завршувањето на периодот на примена на европскиот инструмент за закрепнување NextGenerationEU, нивната стапка на раст ќе се забави во 2027 – 2028 година.

Во однос на инфлацијата, извештајот предвидува дека ќе продолжи да се намалува, во 2025 година се очекува да остане на релативно високо ниво од 2,8 проценти, а значително да се намали на 2,1 отсто во 2026 година и да остане во суштина непроменета (2,2 проценти) во 2027 година, додека во 2028 година се очекува еднократно зголемување на 2,5 отсто.

Привремениот извештај за монетарната политика за 2025 година, гувернерот на Банката на Грција Јанис Стурнарас го достави до претседателот на грчкиот Парламент Никитас Какламанис и истакна дека „економскиот пат на земјата останува кредибилен, со надминување на предвидувањата за даночните приходи и со борбата против затајувањето на данок“.

Во однос на опасностите за грчката економија, гувернерот на Банката на Грција посочи дека тие „произлегуваат од структурни слабости, како што се високиот дефицит во билансот на тековните трансакции, ограничувањата на пазарот на труд, демографскиот проблем, климатските промени и природните катастрофи“.

-Клучното прашање за нашата земја е да продолжиме со кредибилната фискална политика, да се продолжи растот на инвестициите, како што беше забележано во претходните години и да продолжат реформите со цел подобрување на продуктивноста, истакна Стурнарас.