Балансерот е прочистен – во него се само резидентните граѓани

Балансерот од денеска е прочистен. Од него се извадени сите лица кои се попишани во Италија, Швајцарија, Германија, а остануваат само резидентите жители на Македонија.

Ова го соопшти новиот министер за дигитална трансформација Стефан Андоновски, кој рече дека времето на балансирање по етнички клуч останува во минатото, но со почитување на УСтавот кој гарантира соодветна и правична застапеност.

– Токму денес, бројките на дигиталната алатка балансер се променети да одговараат на пописните резултати исклучиво на резидентното население од пописот во 2021 година. Што значи дека лицата ткн. попишани во држави како Италија, Швајцарија, Германија и други нема да бидат дел од дигиталната алтка балансер за вработување во Македонија – рече Андоновски.

Тој потенцира дека младите и образованието ќе бидат во фокусот, ќе се гради дигитална иднина, ќе се вложува во обуки и образование и ќе се промовираат високи стандарди во технолошкиот развој.

Балансерот ќе се укинува во фази, а ова е првата фаза, за потоа законски да се ослободиме од него.

Нагласи дека со тоа ќе се стави крај првично да се биде од некој етникум, а потоа да се биде професионалец во некоја област и да се има квалитет и образование. Стручноста, додаде, ќе биде пред изборот на етничка припадност.

– Денеска е првата владина седница на којашто ќе бидат разговарани некои основни прашања за функционирањето на Владата. Знам дека граѓаните имаат големи очекувања сите работи да биде направени брзо, но мислам дека за ова е потребна сеопфатна дискусија во рамки на Владата, да видиме кои се начините да не се повреди темелниот принцип на Уставот – соодветна и правична застапеност на заедниците, но во исто време прво да ја гарантираме мериторноста, ефикасноста, квалитетот, образованието и искуството на вработените, а не да го гледаме нивниот етнички предзнак – изјави Андоновски по денешната средба со новинарите.