Бабиш преговара за коалиција со крајната десница, СПД бара министерства и запирање на помошта за Украина

Чешкиот милијардер Андреј Бабиш изјави дека може да вклучи министри номинирани од евроскептични и крајнодесничарски партии во владата што се обидува да ја формира, откако неговата партија Акција на незадоволните граѓани (АНО) победи на парламентарните избори, но не успеа да добие мнозинство.

Чешкиот милијардер Андреј Бабиш изјави дека може да вклучи министри номинирани од евроскептични и крајнодесничарски партии во владата што се обидува да ја формира, откако неговата партија Акција на незадоволните граѓани (АНО) победи на парламентарните избори, но не успеа да добие мнозинство.

По изборите одржани на 3 и 4 октомври, Бабиш првично најави дека сака да состави малцински кабинет само од АНО, поддржан во Парламентот од евроскептичната партија „Автомобилисти за себе“ и крајнодесничарската, евроскептична и анти-НАТО формација „Слобода и директна демократија“ (СПД). Сепак, двете политички сили побараа да бидат дел од владата.

„Преговараме за заедничко управување“, изјави Бабиш во видеообраќање на Фејсбук. „СПД треба да има одреден број министерства во кои ќе има (непартиски) експерти кои ќе ги претставуваат, а ‘Автомобилистите’ сакаат таму да имаат свои политичари кои се кандидирале на изборите.“

Партијата АНО е член на групата „Патриоти за Европа“ во Европскиот парламент, заедно со голем број крајнодесничарски формации. Партијата планира да не ги спроведува веќе договорените договори на Европската Унија за миграцијата и декарбонизацијата.

„Автомобилистите“, кои исто така се членови на „Патриоти за Европа“, се спротивставуваат на крајот на моторите со внатрешно согорување и другите климатски мерки. Во центарот на нивната програма е заштитата на правата на возачите на моторни возила, намалувањето на бирократијата и спротивставувањето на приоритетното финансирање на велосипедските патеки и „зелените“ мерки на штета на автомобилскиот сообраќај.

СПД бара референдум за напуштање на ЕУ и НАТО, но Бабиш категорично отфрли какви било такви чекори. СПД, исто така, повика на запирање на секаква помош за Украина, вклучително и средствата за стотици илјади бегалци кои престојуваат во Чешка.

Бабиш објави дека повеќе ќе се фокусира на внатрешните и европските прашања и ќе ја поддржува Украина во помала мера отколку десноцентристичката влада која заминува, вклучително и разгледување на евентуален прекин на чешката програма за испорака на артилериски гранати за Киев. Тој ја критикуваше иницијативата бидејќи, според него, се реализира по надуени цени и без транспарентност.

Претседателот Петр Павел, кој помогна во создавањето на програмата за муниција и е важен учесник во постизборните преговори, вчера ги повика партиите да ја задржат иницијативата.

Бабиш треба да постигне коалициски договор, но формирањето на новата влада сепак ќе трае со недели. Денеска Петр Павел ја закажа првата седница на новиот Долен дом на Парламентот за 3 ноември.