Аџеј Банга е новиот претседател на Светска банка

Аџеј Банга, кандидатот на САД, е новиот претседател на Светска банка, потврди оваа институција во соопштение. Банга беше единствениот кандидат. Аџеј Банга е Американец со индиско потекло, номиниран од американскиот претседател Џо Бајден. Тој ќе го замени Дејвид Малпас, исто така Американец, кој претходно беше во администрацијата на поранешниот американски претседател Доналд Трамп. Тој треба да ја преземе функцијата на 1 јуни, соопшти Светската банка, пренесува Бета, повикувајќи се на АФП. Новоизбраниот претседател во неколку наврати изјави дека приоритет ќе биде финансирањето на борбата против климатските промени и реформата на Светската банка.

Бајден му честиташе на Банга за неговиот „одличен избор“ да ја води Светската банка, која ја опиша како „една од најкритичните институции на човештвото за намалување на сиромаштијата и ширење на просперитетот низ светот“.

„Аџеј Банга ќе биде трансформативен лидер, кој ќе донесе експертиза, искуство и иновации на позицијата претседател на Светска банка“, рече Бајден, пренесува Хина, цитирајќи ја Ројтерс.

„Тој ќе помогне да ја води институцијата додека се развива и проширува за да одговори на глобалните предизвици кои директно влијаат на нејзината основна мисија за намалување на сиромаштијата – вклучително и климатските промени“.

Од крајот на Втората светска војна, Американец ја води Светската банка, а шефот на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) е секогаш Европеец.