Ајнштајн и неговите политички ставови кон крајот на животот

➡ Разговорите што Ајнштајн ги имал со својата партнерка, чешката библиотекарка Јохана Фантова, ги откриваат неговите политички ставови, длабокиот интерес за уметноста и музиката, како и личниот поглед на светот.

Во неодамна објавената книга „Протоколот на Ајнштајн“ (Ich bin ein Magnet für alle Verrückten. Die Einstein‑Protokolle – Sein Leben, seine letzte Liebe, sein Vermächtnis), германскиот новинар и писател Петер фон Бекер објавува транскрипти од приватни разговори на светски познатиот научник од последната година ипол од неговиот живот.

Разговорите што Ајнштајн ги имал со својата партнерка, чешката библиотекарка Јохана Фантова, ги откриваат неговите политички ставови, длабокиот интерес за уметноста и музиката, како и личниот поглед на светот. Фантова ги документирала своите разговори со Ајнштајн во своите дневници, коишто биле откриени дури во 2004 година, а Бекер ги анализира за својата книга. Транскриптите биле откриени во Принстон, Њу Џерси, САД, каде што научникот со години истражувал во Институтот за напредни студии. Ајнштајн, кој до својата смрт на 77-годишна возраст во април 1955., бил една од најпознатите личности во светот на науката, себеси се опишува како „магнет за сите луди луѓе“, пренесува Танјуг.

– А, токму тие луѓе ме интересираат. Реконструирањето на нивното размислување ми е хоби. Длабоко ми е жал за овие луѓе, поради што се обидувам да им помогнам, истакнува научникот.

Фантова запишувала сè што Ајнштајн рекол, „веројатно со негово знаење“, според Фон Бекер.

– Тој ѝ раскажувал што му се случувало во текот на денот, за што размислува, што читал или слушал. Бев воодушевен што можев навистина да ѕирнам во срцето и умот на најпознатата личност на 20 век, а можеби дури и на модерната ера… Во разговорите со неговата девојка, човек може од прва рака да ги почувствува секојдневните чувства на постариот Ајнштајн, појаснува писателот, истакнувајќи дека дури и во подоцнежните години, физичарот бил отворен за сè ново… – Толерантен кон другите мислења и прилично бистар во својот жив интерес за политиката, нагласува Фон Бекер.

Тој додава дека Ајнштајн бил цврст критичар на капитализмот и вооружувањето во Студената војна.

– Да, јас сум стар револуционер, како што секогаш велите. Да, политички, јас сè уште сум Везув што исфрла оган, вели Ајнштајн во февруари 1954 година.

Имено, Ајнштајн бил против „сѐ поголемото вооружување на Истокот и Западот“, неограничениот капитализам и „екстремното богатство“ и го бранел осмислувачот на атомската бомба – Роберт Опенхајмер, кој бил обвинет од американските власти како комунист.

– Како во ерата на Мекарти [Џозеф М., ревносен и фанатичен антикомунист, идеолог на движењето „Мекартизам“, з.п.], кога американските конзервативци одеднаш го гледале секој критички ум како „комунист“, денес тој сигурно би бил противник и критичар на претседателот [на САД, Доналд] Трамп и ограничувањата на слободата на изразување, проценува Фон Бекер.

Поради неговото еврејско потекло, во Германија, Ајнштајн бил сметан за „непријател број еден“ под нацистичкиот режим. Тој бил во странство за време на доаѓањето на Адолф Хитлер на власт и никогаш не се вратил во Германија. По Холокаустот, Ајнштајн го поддржувал Израел затоа што ја видел потребата од безбедно засолниште за Евреите, подвлекува авторот. Сепак, како што наведува тој, Ајнштајн, исто така, бил и критичен кон младата држава Израел.

– Трогателно е да се види дека во истовреме тој секогаш жестоко се залагал за еднакви права меѓу Евреите-Израелци и Арапските Палестинци. Ова звучи неверојатно современо. И некој би посакал некој со моралниот и интелектуалниот авторитет на Ајнштајн да може да го крене својот глас денес – глас што всушност би се слушнал од сите страни, заклучува Фон Бекер.