Ајкула нападнала 10 годишник на Флорида, морале да му ја ампутираат ногата
На 10-годишно момче му била ампутирана ногата под коленото откако го нападнала џиновска бик-ајкула на брегот на Флорида!
Малиот Џејмисон Ридер нуркал 12 километри од Флорида Кис во саботата кога почувствувал остар убод на ногата. Целото негово семејство го гледало хоророт од чамецот кога го нападнала бик ајкула долга 2,5 метри. Го фатила за ногата и почнала да ја кине.
По кратка борба Џејмисон успеал да се врати во чамецот, но ногата настрадала. За среќа, на чамецот на неговото семејство имало медицинска сестра која веднаш ги презела сите мерки за да не искрвари момчето.
Околу раната била поставена обвивка за да се запре крварењето, а момчето со хеликоптер било пренесено во детската болница „Никлаус“ во Мајами.
„Тие беа на брод нуркајќи покрај плиток гребен кога се случи многу трауматичен настан и мојот внук Џејмисон беше нападнат од, како што веруваат, бик ајкула долга 2,5 метри. Тие мораа да му ја ампутираат ногата веднаш под коленото за да му го спасат животот“, изјавил вујкото на Џејмисон.