Ацевски: Мерките за спречување родово и семејно насилство не се доволно ефикасни
-Од самиот заклучок на ревизорскиот извештај може да забележите дека заклучокот е негативен, односно преземените мерки и активности за заштита од родово базирано насилство и семејно насилство од страна на државата не се доволно ефикасни. Затоа треба да се преземат дополнителни мерки за зголемување на нивната ефикасност, порача Ацевски.
Заклучокот од Конечниот ревизорски извештај за имплементација на Истанбулската конвенција покажува дека преземените мерки за заштита од родово базирано и семејно насилство во државата не се доволно ефикасни, изјави државниот ревизор Максим Ацевски на настанот по повод објавувањето на Конечниот ревизорски извештај за успешност на тема „Имплементација на Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и домашното насилство (Истанбулската конвенција).
-Од самиот заклучок на ревизорскиот извештај може да забележите дека заклучокот е негативен, односно преземените мерки и активности за заштита од родово базирано насилство и семејно насилство од страна на државата не се доволно ефикасни. Затоа треба да се преземат дополнителни мерки за зголемување на нивната ефикасност, порача Ацевски.
Според Националната стратегија за заштита од семејно и родово насилство 2018–2023 година, од предвидени 52 активности, 48 проценти се имплементирани, 32 отсто не се реализирани, а 18 проценти се делумно спроведени.
-Ова укажува на притисоци во делот на човечки ресурси во центрите за социјална работа, недоволна територијална застапеност на засолништа и предизвици во соработката со невладиниот сектор, додаде Ацевски.
Тој потсети дека Истанбулската конвенција е донесена во 2011 година, ратификувана во 2017, а измените на Кривичниот законик се направени дури во 2023 година.
-Потребно е да изградиме култура на превенција, бидејќи превенцијата е поважна од репресивните мерки, истакна ревизорот.
Според податоците, во земјава се регистрирани околу 6.282 случаи на родово и семејно насилство, од кои над 60 проценти се со телесни повреди, а околу 30 отсто се животозагрозувачки. Ацевски очекува препораките од извештајот да бидат основа за подобрување на системот и намалување на бројот на случаи.