Ацевски: Да се надминат системските слабости со уплатите на донациите за избори

Клучната констатација на ДЗР е дека 77% од платеното политичко рекламирање за претседателските избори се финансира од буџетот на државата преку Државната изборна комисија, додека за парламентарните избори некаде околу 67% платеното политичко рекламирање се финансира од државниот буџет преку ДИК, вели Ацевски.

Државниот буџет е доминантен извор на финансирање на изборните кампањи и иако нема поголеми прекршувања на парламентарните и претседателските избори од 2024 година, остануваат системските слабости со уплатите на донации, констатира главниот државен ревизор Максим Ацевски. На конференција за финансиска отчетност на изборите организирана од Државниот завод за ревизија, Мисијата на ОБСЕ , Швајцарската програма за поддршка на изборите и ИФЕС, Ацевски посочи дека кај партиите се забележува зголемена отчетност со оглед на тоа што навремено ги доставуваат финансиските извештаи – па од 60 партии, само четири останале блокирани поради непочитување на роковите за доставување на извештаите.

Максим Ацевски

„Клучната констатација на ДЗР е дека 77% од платеното политичко рекламирање за претседателските избори се финансира од буџетот на државата преку Државната изборна комисија, додека за парламентарните избори некаде околу 67% платеното политичко рекламирање се финансира од државниот буџет преку ДИК. Остануваат и понатаму работи кои треба да се надминат во делот на системските слабости, а тоа е во делот на уредување на начинот на уплата на донации по завршување или објавување на конечните резултати од спроведените избори, бидејќи знаете, нашето законодавство дозволува по извесен период од објавување на конечните резултати, одредени правни и физички лица да уплаќаат донации. А секако дека кога веќе се знаат резултатите, останува можност секој заинтересиран да уплати на победникот, а не на сите подеднакво“, вели Максим Ацевски, главен државен ревизор, ДЗР.

Амбасадорката на Швајцарија во земјава, Вероник Хулман порача дека за поголема финансиска отчетност на изборите, важно е навремено и соодветно менување на Изборниот законик, со кое ќе се имплементираат препораките од релевантните државни институции и меѓународните организации.

Вероник Улман

„Оваа иницијатива е многу важна зашто организирањето на слободни, фер и демократски избори е важно за секој демократки систем. Драго ми е што соработуваме со Државниот завод за ревизија во оваа насока и се надевам дека научените лекциите од минатото, заклучоците на Заводот за ревизија и препораките на Венецијанската комисија, ќе бидат земени во предвид при измените и дополнувањата на Изборниот законик. Посакувам многу успех на сите учесници, но најважно е да го почнеме овој процес со соодветно менување на Изборниот законик за организирање подобри избори“, Вероник Улман, амбасадорка на Швајцарија во РСМ.

Државниот завод за ревизија ги презентираше и наодите од извршените ревизии на финансиските извештаи на политичките партии и изборните кампањи од 2024 година.

Во однос на парламентарните избори, ДЗР посочува дека вкупните приходи за изборната кампања на сите седумнаесет ученици се во износ од 386.710 илјади денари и ги опфаќаат приходите остварени на трансакциските сметки „за изборната кампања“ (140.978 илјади денари), приходите од донациите во ствари (963 илјади денари) и приходите обезбедени од буџетот на државата за објавено платено политичко рекламирање (244.769 илјади денари).

Во ревизорските извештаи за парламентарните и претседателските избори од 2024 година ДЗР препорачува доуредување на Изборниот законик пред се во делот на финансирањето на изборната кампања со средства од редовната сметка на политичката партија обезбедени од Буџетот на државата, како и крајниот рок за уплата на донации. Се препорачува и пропишување на мерливи критериуми во делот на обезбедување и распределба на средствата од Буџетот на државата, наменети за платено политичко рекламирање.

Исто така и за начинот на кој донаторите ќе докажат/потврдат дека не се поврзани лица со радиодифузерите, печатените медиуми и електронските медиуми (интернет порталите) при финансирање или давање донации на политичките партии, за условите и критериумите кои е потребно да ги исполнат електронските медиуми за да имаат можност да аплицираат за политичко рекламирање во Државната изборна комисија, како и за пропишување на јасни и прецизни критериуми за распределба на буџетските средства наменети за платено политичко рекламирање на електронските медиуми (интернет портали).

Извор: 360Степени