Ахмети со писмо и до Мицкоски: „Секое ново нарушување на меѓуетничките односи би имало последици“

Од ДУИ велат дека писмото е одговор на сериозните предизвици со кои се соочува Северна Македонија во еден исклучително чувствителен геополитички момент, кога секоја нова тензија, како што велат, може да има негативни последици врз меѓуетничките односи и внатрешниот развој.

Демократска унија за интеграција (ДУИ) информира дека претседателот на партијата, Али Ахмети, упатил официјално писмо до претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во врска со одлукитe на Уставниот суд.

Од ДУИ велат дека писмото е одговор на сериозните предизвици со кои се соочува Северна Македонија во еден исклучително чувствителен геополитички момент, кога секоја нова тензија, како што велат, може да има негативни последици врз меѓуетничките односи и внатрешниот развој.

ДУИ апелира до политичките партии и институции за поголема одговорност и зрелост, поттикнувајќи решенија кои ќе ја зајакнат соработката и заедништвото, а не поделбите. Од партијата велат дека писмото на Ахмети, претставува повик за соработка, взаемна почит и конструктивен дијалог.

„Ви се обраќам во исклучително чувствителен период за нашата земја. Геополитичката состојба е поопасна од кога било од крајот на минатиот век, со ескалацијата на руската агресија во Украина, амбициите на Кина, сложената ситуација на Западен Балкан, нестабилноста во Босна и Херцеговина, тензиите меѓу Косово и Србија, како и континуираните блокади од страна на Бугарија. Во оваа комплицирана средина, секое ново нарушување на меѓуетничките односи би имало сериозни последици за внатрешната кохезија и предвидливост“, се вели во писмото.

Се додава дека последните одлуки на Уставниот суд, се извршување на програмата на ВМРО-ДПМНЕ за укинување на клучните механизми за заштита на заедниците.

Ахмети вчера испрати писмо и до претседателот и премиерот на Република Албанија, Бајрам Бегај и Еди Рама, петседателката и премиерот на Република Косово, Вјоса Османи и Албин Курти, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, канцеларот на Германија Олаф Шолц, претседателот на Франција Емануел Макрон и Државниот секретар на САД Ентони Блинкен. Во писмата Ахмети им пиша дека Охридскиот договор е загрозен и повика на заедничка акција.

Во продолжение писмото:

Почитуван г. Христијан Мицкоски,
Претседател на ВМРО-ДПМНЕ,

Ви се обраќам во исклучително чувствителен период за нашата земја. Геополитичката состојба е поопасна од кога било од крајот на минатиот век, со ескалацијата на руската агресија во Украина, амбициите на Кина, сложената ситуација на Западен Балкан, нестабилноста во Босна и Херцеговина, тензиите меѓу Косово и Србија, како и континуираните блокади од страна на Бугарија. Во оваа комплицирана средина, секое ново нарушување на меѓуетничките односи би имало сериозни последици за внатрешната кохезија и предвидливост.

Последните одлуки на Уставниот суд, кои изгледа дека се извршување на програмата на вашата партија за укинување на клучните механизми за заштита на заедниците, предизвикаа загриженост кај сите граѓани кои се посветени на градењето на подобро одржливи меѓуетнички односи  во Северна Македонија.

Охридскиот договор, кој донесе подобро меѓуетничко разбирање, не е само политичко прашање, туку е темел на нашата мултиетничка демократија, стабилност  и демократски напредок. Секоја обид за негово доведување во прашање, особено во актуелниот контекст, е чекор кој може да ја влоши состојбата во земјата и регионот.

Одлуките за измена или ревизија на Законот за употреба на јазиците, кој е клучен елемент на Охридскиот договор, не се само политички контроверзни, туку и штетни за напредокот и соработката меѓу заедниците. Ова е развој што може да ги поткопа придобивките стекнати со значителен труд и да ја врати земјата во периоди на несигурност.

Затоа, ве повикувам да размислите со зрелост и одговорност за овие одлуки кои имаат потенцијал да ја нарушат мултиетничката кохезија во Северна Македонија. Иднината на нашата земја треба да се гради врз основа на соработка и взаемна почит, а не врз поделби. Секој чекор што ги нарушува овие основи е штетен за иднината на нашата земја и за сите нејзини граѓани, без разлика на етничката припадност“, се вели во писмото.