Ахмети: Пописот да не се претвори во бесмислена меѓуетничка битка!

„Спроведувањето на попис во државата не треба да се претвори во бесмислена меѓуетничка битка. И јас сум граѓанин на оваа држава и ги гледам реакциите, но ми се чини дека сета оваа битка ја прават за да добијат политички поени и рејтинг на политички план. Овој статистички потфат е менаџиран и мониториран од релевантни институции на ОН, од експерти од областа на статистиката и овој е резултатот. Овие резултати беа политички поддржани и од Европската Унија, САД“. Ова денеска го изјави претседателот на ДУИ – Али Ахмети.

„Ако отвориме спорови, Албанците ќе кажат дека и 200 до 300 илјади не се попишани, и Македонците, исто така и Србите, Турците… и што ќе правиме, ние нашата земја ќе ја претвориме во арена на дебати што не водат никаде, освен внатрешно расипување на односите меѓу етникумите. Во секоја земја има 10-12 проценти од населението кое не е попишано и во најдемократските земји. Вакво нешто можеби направиле македонски, албански, турски граѓани, кои не се одѕвале на повикот на државните институции за спроведување на граѓанскиот чин за попишување на жителите и општото богатство на граѓаните. Условите за сите беа еднакви. Државните институции постапуваа за сите без никаква разлика, но ова е резултат што е прифатен од надлежните институции. Внимателно ги слушав експертите за статистика на ЕВРОСТАТ кои го оценуваат како статистички потфат. Ќе апелирам до сите политички партии да не ја политизираат и да не ја расипуваат состојбата меѓу етникумите“ – рече Ахмети.

Тој истакна дека прашање на време е кога ќе се отвори Уставот „за да се отстрани додавката 20 проценти“.

„Сега засега најчувствително прашање е решавање на проблемот со бугарската страна, бидејќи тоа е пречка за понатамошниот напредок кон отворање на преговорите со Европската Унија. Бугарската страна бара да се отвори Уставот кај нас и Бугарите да стануваат уставна категорија во Република Северна Македонија. Го поддржав ова барање на Република Бугарија затоа што право на секој е да се изјасни како се чувствува и ништо лошо нема да се случи со нашата држава и нашите македонски граѓани доколку се отвори Уставот. Тоа не го загрозува интегритетот и суверенитетот, туку е предност и демонстрација на државните вредности што ги застапуваме“ – рече Ахмети.