Претседателот на ДУИ, Али Ахмети, денеска во име на Европскиот фронт остро ги обвини албанските политички субјекти кои се очекува да бидат дел од идната влада дека го нарушиле легитимитетот на слободното гласање и на Охридскиот договор.
За Европскиот фронт, според Ахмети, неприфатливо е коалицијата која освоила помал број мандати да стане дел од Владата.
Ахмети ги повика граѓаните да се приклучат на Европскиот фронт во битката за почитување на легитимитетот на слободниот глас.
„Охридскиот договор не се чита исто од сите политички или јавни кадри, ние не дозволуваме овој договор да биде прекршен. Луѓето нѐ прашуваат зошто гласаме кога некој друг одлучува за нашата волја и нашите определби…граѓаните нѐ прашуваат која е смислата на демократијата кога не се почитува легитимитетот, кога одлучува најголемата македонска партија. Ова нѐ враќа две децении наназад кога не се почитуваше слободната волја на заедниците. Легитимноста е столбот на демократијата, затоа ја започнуваме битката за почитување на Охридскиот договор. Кога се почитува духот на Охридскиот договор, општеството напредува, но кога не се почитува, се враќаме во други времиња кои колективно сме ги напуштиле“, рече Ахмети, не сакајќи да ги открие следните чекори на Европскиот фронт, но кусо изјави дека јавноста ќе биде на време информирана за следните чекори.