Ахмети најавува бунт ако се „чепне“ албанскиот јазик

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, порача дека сите Албанци ќе се кренат на нозе ако се чепне албанскиот јазик и дека нема да толерираат да се уништат достигнувањата што ги постигнале со многу крв. Воинствената реторика и притисокот на Ахмети кон власта и судството се засилува како што се наближува тајмингот кога Уставниот суд треба да одлучи за неколку оспорени одредби од Законот за јазиците.

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, порача дека сите Албанци ќе се кренат на нозе ако се чепне албанскиот јазик и дека нема да толерираат да се уништат достигнувањата што ги постигнале со многу крв. Воинствената реторика и притисокот на Ахмети кон власта и судството се засилува како што се наближува тајмингот кога Уставниот суд треба да одлучи за неколку оспорени одредби од Законот за јазиците. Премиерот Христијан Мицкоски не верува дека Ахмети може да ги спроведе заканите но, како што вели, е загрижен што лидерот на ДУИ продолжува да биде фактор на нестабилност.

„Вечерва на средбата со народот разговаравме за понижувањата, отпуштањата на Албанците, обидите за укинување на албанскиот јазик, балансерот и поништувањето на сите достигнувања на Албанците пред очите на прекршителите на волјата на Албанците од Вреди. Но, лидерот Али Ахмети ги увери членовите, симпатизерите и граѓаните дека по никоја цена нема да толерираат уништување на достигнувањата постигнати со многу жртви велат од ДУИ“, соопшти ДУИ.

ДУИ ја предупредува власта дека ќе ѝ се случи народ ако продолжат „провокациите“ кон Албанците и дека што ѝ да се случи, одговорноста ќе биде на власта. Интегративците го обвинија премиерот и дека ја злоупотребува функцијата за да ѝ се заканува на опозицијата и дека се замислува дека е обвинител.

„ Остро го осудуваме неодговорното однесување на премиерот, кој постојано ја користи својата државна позиција за да им се заканува на опозициските политичари. Ова не претставува ништо повеќе од отворена злоупотреба на власта, обид да се создаде лажна перцепција во јавноста и да се ограничи просторот на опозицијата за делување. Дополнително, овие постапки вршат неприфатлив притисок врз независните институции на правосудството. Премиерот не е обвинител, ниту има право да ја злоупотребува својата позиција за политичка борба. Овие постојани закани се незаконски и покажуваат ароганција, која е знак за неговата несигурност. Владеењето засновано на страв и манипулација не може да биде стандард во нашата демократија“, реагираа од ДУИ.

Од партијата порачаа дека доколку премиерот навистина е искрен во борбата против корупцијата, треба да го прифати нивниот повик за независен и меѓународно посредуван процес на ветинг, кој ќе го опфати и него самиот.

„ Го повикуваме премиерот веднаш да ги прекине овие штетни практики, да го зачува достоинството на својата позиција и да ја почитува поделбата на власта и независноста на институциите. Демократијата бара почит кон законот, транспарентност и фер политичка борба, каде што секоја страна може да дејствува без да биде под влијание на заканите и притисоците од извршната власт. ДУИ останува посветена на заштитата на овие принципи и ќе продолжи да биде силен глас против секој обид за злоупотреба на власта и загрозување на независните институции на државата “, му порачаа на Мицкоски од ДУИ.

Мицкоски не е изненаден од  вокабуларот на Ахмети, но, како што рече, е загрижен и тој и меѓународните претставници дека лидерот на ДУИ продолжува да биде фактор на нестабилност.

„ Ние се навикнавме на таквите изјави од Али Ахмети – да биде фактор на нестабилност, со воинствена реторика да повикува на немири, нестабилност, но не мислам дека тоа може да предизвика токму тоа што тој го кажува, бидејќи и Албанците и сите граѓани во Македонија се свесни за сето она што го направи тој лично и тие неколкумина околу него изминативе повеќе од 20 години додека беа на власт. Претпоставувам дека пораката се однесува на истите тие уставни судии, кои тој во Речица и оние на Бихаќска ги поставија во Уставниот суд, бидејќи Законот за употреба на јазиците е во Уставен суд. Ако погледнете, таму ќе ги видите луѓето што излегоа од тефтерчето од Мала Речица и од Бихаќска. Така што, притисокот врз тие луѓе продолжува. Се бара некоја преносна структура да се упати пораката, но не мислам дека е тоа нешто сериозно. Како и да е, тој продолжува да биде фактор за нестабилност и тоа мене ме загрижува, а нашите меѓународни партнери ги загрижува тоа што Али Ахмети и ДУИ на дневна основа стануваат сè повеќе и повеќе фактор на нестабилност“, рече Мицкоски.

Премиерот го отфрла обвинувањето дека тој ѝ се заканува на опозицијата и дека ги помешал функциите.

„ Не би рекол дека јас се заканувам, но да, треба да се загрижат политичките криминалци што во изминативе години и децении беа дел од власта“, рече Мицкоски.

Според премиерот, ДУИ реагира на неговата изјава дека обвинители кога ќе треба да реализираат акција против криминалци што биле дел од поранешната власт, тогаш добиваат стомачни вируси, температура или настинка.

„ Поентата е дека дента таа работа треба да се заврши и претпоставувам дека овие се вознемирени, оти тие се навикнати на глава да им седат на обвинителите и нормално е дека упатуваат такви пораки. Инаку, јас не се заканувам, тоа не е дел од мојот карактер “,вели премиерот.

Претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски во интервју за ТВ Канал 5 за предметот во кој е оспорен – Законот за употреба на јазиците – рече дека планираат да биде ставен на седница во декември, а за наводните најави за бојкот на таа седница од неколку судии, тој одговори дека не сака да верува дека тоа ќе се случи и дека постојат механизми што ќе спречат блокирање на работата на Судот.

Извор: Независен