
Али Ахмети, лидерот на ДУИ во интервју за ТВ21, зборуваше за измените во Кривичниот законик, но и за уставните измени.
Меѓудругото, Ахмети вели дека нема никаков договор со ВМРО-ДПМНЕ за измените на Кривичниот законик, а исто така нема врска со амнестија на ниту еден функционер.
Според него, измените се направени за да има функционална држава и функционално судство.
„Кривичниот законик не е прогласување амнестија. Амнестијата има друг карактер, додека кривичниот законик и измените што се направени се сосема друга работа. Кривичниот законик, кој го менуваме, е фосилен остаток од југословенскиот режим. Да се пролонгираат истрагите, да се држат луѓето под истрага шест, осум години… И целиот законик, промената што беше направена е направена за да има функционална држава и функционално судство. Да не се држи човек под истрага шест години и потоа да се ослободи како невин“, вели Ахмети.
Но, зошто промените беа експресно направени за два дена?
Според првиот човек на Интегративците тоа не е точно.
Како што вели, разговорите почнале пред три години, но тогаш во последен момент се повлекол поранешниот премиер Зоран Заев, додека сега кога е постигнат договорот со СДСМ, ВМРО се повлече.
На прашањето дали измените на Кривичниот законик се поврзани со некаков договор со ВМРО за уставни измени, Ахмети негира такво нешто.
Вели во моментот кога ќе бидат обезбедени 80-те пратеници, седницата ќе биде свикана. Тој не сака да го открие датумот, но уверува дека тие ќе се случат во текот на месец ноември.
„Заврши расправата за уставните амандмани. Следната седница ќе се свика, не кажувам… Датумот не треба да се споделува со јавноста, но ќе биде повикана. А во моментот кога ќе се свика седницата, ќе се гласа“ – порача Ахмети.
За парламентарните избори, Ахмети е подготвен изборите да одат со заедничка листа со сите албански партии, а како што вели зошто да не и со СДСМ.