Ахмети до Гир: Владата креира сценарија за дестабилизација за да ги обвини другите

Претседателот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети денеска во партиското седиште во Тетово се сретнал со амбасадорот на Европската Унија во Скопје, Дејвид Гир, на која, како што информираат од ДУИ, размениле мислења за Охридскиот договор, Преспа и добрососедството со Бугарија, евроинтеграциите, реформите во согласност со очекувањата на ЕУ и изборниот легитимитет.

Ахмети, се вели во соопштението, на Гир ја елаборирал нацрт-платформата за легитимитет подготвена од авторот на Охридскиот договор Пол Вилијамс и ПИЛПГ, мислењата на локалните експерти и чекорите што ДУИ и Европскиот фронт ќе ги преземаат во одбрана на легитимитетот.

Лидерот на ДУИ на средбата со евроамбасадорот, зборувал, како што стои во партиското соопштение, и за тенденциозните предупредувања на премиерот Христијан Мицкоски за дестабилизација, истакнувајќи загриженост за можно намерно владино исценирање преку обвинувања на други со цел, како што посочил, да се дефокусира јавноста од потфрлувањата на власта.

– ДУИ е посветена на стабилноста, безбедноста, мирот, добрите меѓуетнички и меѓусоседски односи како и европската интеграција и отфрла секакви монтирани политички владини обиди за дестабилизација. Исто така, остануваме најпосветениот партнер на Европската Унија и Соединетите Американски Држави во Северна Македонија кој што ја гледа земјата партнер и членка на НАТО и ЕУ, истакнал Ахмети.