Ахмети ги повика органите да го истражат наводниот криминал на неговиот внук

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети бара истрага за внукот Дрин за стекнувањето на удел во трговскиот центар Соравија. Тој уверува дека за ова нема да има амнестија или заштита од негова страна.

Државните институции да спроведат истрага доколку има некакви сомнежи околу бизнисите на Дрин Ахмети, порача лидерот на ДУИ Али Ахмети. Откако минатата недела ТЦ Соравија објави дека Дрин Ахмети, внукот на Ахмети, влегува со 39 отсто удел, како и последните информации дека неговите фирми од Фондот за иновации добиле поддршка од околу 80 илјади евра, Ахмети тврди дека нема да му обезбеди на внукот амнестија или засолниште.

„Ни Дрин не може да ја избегне истрагата, да се разоткрие вистината, за ова нема да има пречка и нема амнестија или засолниште од моја страна. Се што ги интересира државните органи, слободно да вршат истраги и да се открие вистината.“

Од ВМРО ДПМНЕ повикувајќи се на документи добиени од свиркачи, денеска тврдат дека синот на Али Ахмети, Шкумбин Ахмети, заедно со двајцата внуци Дрин и Бесијан Ахмети влегуваат во бизнис за изградба на фотоволтаична централа која ќе биде во јавно-приватно партнерство со државата.

„Од анализата на банката на фирмите на семејството Ахмети може да заклучиме дека синот на Али Ахмети, Шкумбин, заедно со неговите братучеди Дрин и Бесијан или ја лажеле банката дека прават крупен бизнис или откриле дека тие веќе имаат усмен договор со врвот на власта, во овој случај премиерот Димитар Ковачевски, кој е потписник на јавно приватно партнерство дека државата ќе влезе во бизнис со семејството Ахмети за изградба на 60 MW фотоволтаична централа.“

Претходно од опозициската партија обвинија дека внукот на Ахмети добил и финансиска поддршка од Фондот за иновации. Од таму пак денеска велат дека сите пријавени компании поминуваат процес на претселекција спроведена од три домашни стручни лица од 22 области на експертиза и дека компаниите „Тор индустрис“ и „Еверест ЏД“ на Дрин Ахмети, аплицирале и за други проекти но биле одбиени.

“Тоа значи, дека секоја компанија која не ги исполнува критериумите за подобност на апликант и добил негативна оценка од страна на Комитетот за одобрување на инвестиции, нема да биде одобрен за финансирање од страна на Фондот за иновации и технолошки развој.“

На прес конференцијата која Дрин Ахмети ја одржа околу купувањето на делот во Соравија, тврдеше дека неговите бизнис успеси воопшто не зависеле од позицијата на неговиот чичко Али Ахмети.