Ахмети апелира за поддршка на иницијативата на Рама: Слободата има име – ОВК!

Лидерот на ДУИ Али Ахмети преку Фејсбук изрази целосна поддршка на говорот на албанскиот премиер Еди Рама, вчера во Парламентарното собрание на Советот на Европа, кој побара промена на неправедната и неточна Резолуција 1782 од 2011 година за трговија со човечки органи во Косово. Ахмети објавата за поддршка на Рама ја завршува со пораката дека „слободата има име – ОВК“.

„Целосно ја поддржувам иницијативата на премиерот Еди Рама во Парламентарното собрание на Советот на Европа за промена на неправедната и неточна Резолуција 1782 од 2011 година. Скандалозната резолуција е донесена како резултат на руско-српската пропаганда со лажни вести, кои никогаш не беа проверени и сериозно ја нарушија нашата национална жртва за слобода, независност, демократија и еднаквост.

Ги повикувам сите колеги, активисти, патриоти, интелектуалци, политичари, новинари, граѓанки и граѓани да се приклучат на повиците за промена на Резолуцијата и исправање на неправдата кон албанската нација. ОВК е ослободителна сила која ја имаше поддршката од западниот свет, исто како и денес слободољубивиот народ на Украина.

Рама вчера откако накусо ја нагласи европската интеграција на неговата земја рече дека во Стразбур не дошол за да го осуди специјалниот суд за воени злосторници на Косово, создаден по извештајот на ПССЕ, туку да ја осуди дезинформацијата која доведе до тоа – односно обвиненијата дека постои трговија со човечки органи. Како што рече во обраќањето пред пратениците, оваа приказна била „лага многу убаво фабрикувана во Кремљ и многу добро спакувана и пласирана во храмот на човековите права(ПССЕ)”.

Обраќањето на Рама предизвика вистинска бура од реакции од пратениците. За повеќето од нив ова беше нетактичен, срамен и шокантен говор.