
АХВ заплени 1.641 килограм небезбедни ореви и кикирики, храната ќе биде уништена
Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), во соработка со Единицата за економски и компјутерски криминал при СВР Скопје, заплениле вкупно 1 641 килограм небезбедна храна од возило на подрачјето на Чучер-Сандево.
Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), во соработка со Единицата за економски и компјутерски криминал при СВР Скопје, заплениле вкупно 1 641 килограм небезбедна храна од возило на подрачјето на Чучер-Сандево.
Вонредниот инспекциски надзор е спроведен по добиена пријава, а во него се пронајдени големи количини храна со непознато потекло и без соодветна документација.
Од АХВ велат дека во возилото биле пронајдени 1 060 килограми кршени ореви, во рефус-состојба, и 581 килограм кикирики во зачинета обвивка, исто така рефус.
Пронајдените производи биле без идентификација и без потребни информации за потрошувачите.
Во истата пратка биле пронајдени и 900 килограми индиски ореви со декларација.
Поради тоа што биле без соодветна документација за потекло и квалитет, од АХВ велат дека производите се прогласени за небезбедни и ќе бидат нештетно уништени, согласно Законот за безбедност на храна.
Против лицето затекнато при контролата, од Агенцијата велат дека е поведена прекршочна постапка за пуштање во промет небезбедна храна, пуштање во промет храна од страна на нерегистриран оператор и за немање потребни информации за потрошувачите.
На сторителот му била изречена глоба од 600 евра во денарска противвредност.
Од АХВ најавуваат дека ќе продолжат со спроведување на засилени контроли на терен со цел спречување пласман на небезбедна храна и заштита на здравјето на потрошувачите.