Афрона Верзиволи утре ќе биде разрешена од местото ревизор на ИПА фондовите
Десет дена откако ја назначи за главен ревизор за ИПА фондовите, Владата најави дека утре ќе ја разреши од оваа функција Афрона Верзиволи, која нема ревизорско искуство, ниту соодветен ревизорски сертификат.
Tаа е економист и работела во банка, а како главен ревизор кој ќе го контролира трошењето на европските пари е именувана по предлог на „ВРЕДИ“. Во владиното соопштение денеска, покрај информацијата дека Верзиволи ќе биде разрешена, потсетија и на злоупотребите на парите од европските фондови и побараа да не се дефокусира вниманието од оваа тема.
„Ја известуваме јавноста дека назначената Афрона Верзиволи во текот на утрешниот ден ќе биде разрешена од местото ревизор на ИПА фондовите. Воедно посочуваме дека е потребно и вниманието да се насочи кон отворените злоупотреби на парите од ЕУ и фондовите ставени на располагање кои беа присутни во изминатиот период, а за кој постои и пишан траг и нотификација од Европската канцеларија за борба против измами (ОЛАФ)“ – се наведува во соопштението од Владата.
Од „ВРЕДИ“ соопштија дека уште пред неколку дена го повлекле именувањето на Афрона Верзиволи како ревизор на ИПА фондовите. Но, не се откажува од својот предлог, па ќе чекаат таа да добие соодветен сертификат, иако за местото главен ревизор за контрола на парите од европските фондови, покрај законскиот услов да поседува уверение за стекнато звање од областа на ревизијата, има и строги правила што е наведено и во договорот за соработка на државата со ЕУ за ИПА фондовите, каде стои дека „раководителот треба да поседува соодветна стручност, знаење и искуство во областа на ревизијата за да ги извршува бараните задачи“.
Коалицијата сега привремено ќе понуди замена на Верзиволи.
„Иако Верзиволи има одлично CV и значително професионално искуство, донесовме одлука таа да биде привремено заменета со друг кадар од нашите редови. Оваа одлука е направена со цел да се осигура дека сите строги стандарди и барања на Европската Унија ќе бидат целосно исполнети, додека Афрона ја заврши својата обврска со добивање на сертификатот“, велат од „ВРЕДИ“.
Инаку за злоупотребите на средства од европските фондови, Македонија е задолжена да врати 2,2 милиони евра на Европската комисија, за што медиумите известуваа во повеќе наврати.