Африм Гаши синоќа е примен на Клиниката за дигестивна хирургија

Директорот на Клиниката, доктор Огнен Костовски, во изјава за „360 степени“ потврди дека претседателот на Собранието е примен во болница со преплет на цревата. Во моментов, како што вели, пациентот е подобар, се лекува медикаментозно и засега не се планира хируршка интервенција

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, доцна синоќа со болки во стомакот бил хоспитализиран на Клиниката за дигестивна хирургија при Универзитетскиот клинички комплекс „Мајка Тереза“ во Скопје.

Директорот на Клиниката, професор доктор Огнен Костовски, во изјава за „360 степени“ потврди дека Гаши е примен во болница со преплет на цревата. Во моментов, како што вели тој, пациентот е подобар, се лекува медикаментозно и засега не се планира хируршка интервенција.

„Пациентот се третира конзервативно. Се работи за преплет на црева. Во моментов е подобар, медикаментозно ќе биде лечен. Ја следиме состојбата и засега немаме одлука за операција“, изјави директорот на Клиниката за дигестивна хирургија.

Во моментов не се знае до кога собранискиот спикер ќе биде задржан на болничко лекување.

„Ќе биде задржан до моментот додека тоа биде потребно“, вели Костовски во изјава за „360 степени“.

Вчера попладне собранискиот претседател Африм Гаши беше во посета на Тетово во рамки на практиката за посета на општините. Таму се сретна со коалициониот партнер од ВЛЕН, тетовскиот градоначалник Билал Касами.