„Атлантик“ во целост ги објави пораките од разговорот на „Сигнал“, кои откриваат воени планови за американски напади во Јемен

Магазинот „Атлантик“ денеска објави транскрипт од пораки во кои министерот за одбрана Пит Хегсет детално ги опишал плановите за американски воени напади во Јемен во групен разговор на Сигнал, во кој по грешка бил вклучен главниот уредник на списанието, Џефри Голдберг, јави Ен-Би-Си Њуз.

Магазинот „Атлантик“ денеска објави транскрипт од пораки во кои министерот за одбрана Пит Хегсет детално ги опишал плановите за американски воени напади во Јемен во групен разговор на Сигнал, во кој по грешка бил вклучен главниот уредник на списанието, Џефри Голдберг, јави Ен-Би-Си Њуз.

Во написот насловен „Еве ги плановите за напад што советниците на Трамп ги споделија на Сигнал“, Голдберг цитираше пораки во кои Хегсет навел типови на воени авиони и временски рамки за неодамнешните воздушни напади врз милициите на Хутите во Јемен. Пораките не содржеле информации за конкретни цели.

„12:15 часот по источно време: Полетуваат F-18 (прв ударен пакет)“, стои во една од пораките, алудирајќи на одреден тип воен авион.
„13:45: Започнува ‘тригер-базираниот’ прозорец за првиот удар на F-18 (целниот терорист е на познатата локација, така што НАПАДОТ ТРЕБА ДА БИДЕ НАВРЕМЕ) — исто така, полетуваат ударни дронови (MQ-9)#.

Голдберг и Шејн Харис, репортер за национална безбедност во „Атлантик“, го објавија текстот еден ден откако администрацијата на претседателот Доналд Трамп се обиде да го минимизира значењето на првичниот извештај за овој разговор. Трамп вчера изјави: „Тоа не беа класифицирани информации.“ Хегсет, пак, во понеделникот рече: „Никој не испраќаше воени планови преку пораки.“ Директорката на националното разузнавање Тулси Габард и директорот на ЦИА Џон Ретклиф вчера, пред Комитетот за разузнавање на Сенатот тврдеа дека во разговорот не биле споделени класифицирани податоци.

Голдберг и Харис денеска напишаа дека изјавите на Хегсет, Габард, Ретклиф и Трамп, заедно со тврдењата на администрацијата дека магазинот лаже, ги навеле да веруваат дека јавноста треба да ги види пораките за да донесе сопствен заклучок. „Постои јасен јавен интерес за обелоденување на информациите што советниците на Трамп ги споделиле преку необезбедени канали“, додадоа тие.

Четворица поранешни разузнавачки функционери потврдија дека информации за претстоен воен напад обично се сметаат за класифицирани.

Портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит, го нарече извештајот „измама“ на X, додека потпретседателот Џеј Ди Венс, учесник во разговорот, ја истакна разликата меѓу „воени планови“ и „планови за напад“ што администрацијата ја нагласува.

Националниот совет за безбедност во понеделникот соопшти дека го разгледува случајот како Голдберг бил додаден во групата наречена „Houthi PC мала група“ на 13 март. Голдберг првично се посомневал дека станува збор за дезинформации, но откако утврдил дека разговорот е автентичен, ја напуштил групата без да биде забележан.

Случајот предизвика остри критики од демократите, вклучително и повици за оставка на Хегсет и советникот за национална безбедност Мајкл Волц. Сенаторот Дик Дурбин во средата изјави дека Габард и Ретклиф го довеле Конгресот во заблуда, додека сенаторот Роџер Викер побара итен извештај од генералниот инспектор. Габард, пак, денеска пред Комитетот за разузнавање на Претставничкиот дом повтори дека станува збор за грешка, но без класифицирани информации.