Асани и Кораќ официјално потврдени за нови директори во М-НАВ

М-НАВ и официјално го доби новото раководство откако новите директори Хекуран Асани и Милан Кораќ се впишани во Централниот регистар. Од М-НАВ за Телевизија Телма потврдија дека решението од Централниот регистар е добиено и сега останува уште да се депонираат потписите на Асани и Кораќ во банкарскиот систем.

Она што се очекува од нив е веднаш да го свикаат Комитетот за безбедност, каде тие се членови, и да изготват официјален извештај за инцидентот од 4 јануари и насилниот упад во зградата на М-НАВ на скопскиот меѓународен аеродром, предводен од советникот на директорот и функционер на ДУИ Беким Незири.

Откако се отклонети сите правни пречки конечно треба да почне со работа и Дисциплинската комисија, која исто така треба да изготви официјален извештај за инцидентот, да ги посочи пропустите и виновниците и да предложи мерки за санкции против вработените кои учествуваа во упадот и нападот.

Двата извештаи потоа треба да се достават и до Агенцијата за цивилно воздухопловство која го изготви прелиминарниот извештај од вонредниот надзор по инцидентот во зградата на М-НАВ на скопскиот меѓународен аеродром.

Заклучокот на Агенцијата е дека се прекршени процедурите за безбедност на објектот, но загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај не е нотирана.

Изречени се и неколку казни, а според информациите на Телма, парична казна има за фирмата која го обезбедува објектот на скопскиот аеродром „2СС“ од Кичево, и еден вработен во М-НАВ кој извршувал чуварска функција иако има решение за градинар.

Извештајот на Агенцијата содржи 14 наоди и 11 задолжителни мерки и активности кои раководството во М-НАВ се должни да ги спроведат и се во доменот на безбедноста, која пак е под надлежност на единствениот директор кој не беше разрешен Хасим Деари.

Околу обезбедувањето на самиот објект на меѓународниот аеродром клучно е во делот на обезбедувањето на објектот. Иако децидно не се наложува тоа да биде вршено од службеници на М-НАВ сепак, според Тунтев, тоа е пожелно за да има подобра контрола и обука.

Од Агенцијата соопштија дека следната недела ќе имаат состанок со новото раководство на М-НАВ и го очекуваат нивниот интерен официјален извештај на Комитетот за безбедност околу насилниот упад во зградата предводен од советникот во М-НАВ и функционер на ДУИ Беким Незири, кој е клучен и за официјалниот извештај на Агенцијата, кој потоа ќе биде доставен до Собранието и Владата.