Архиепископот Стефан бил поканет да патува во Софија, но во последен момент му била откажана посетата, јавува поратолот „религија.мк“, повикувајќи се добро информирани извори од Бугарската православна црква.
Поглаварот на МПЦ-ОА требало да отпатува во Софија на 30 октомври и да учествува во литургијата во чест на српскиот крал Стефан Милутин (кој е погребан во црквата „Света Недела“ во Софија). Литургијата требало да биде заедно со патријархот на БПЦ, Даниил и уште двајца владици на СПЦ, Иларион и Арсениј. Поканата била по иницијатива на Партијархот Даниил, а архиепископот Стефан ја прифатил и се подготвувал за пат. Сепак, според изворите на „религија.мк“, непосредно пред патувањето бил известен дека не треба да патува.
„Патријархот Даниил сам го поканил, а поканата била без одлука на Синодот на БПЦ. А кога станува збор за покана на поглавар на друга црква за посета, потребна е одлука на Синодот. И од тие причини дел од владиците на Синодот реагираа. Дополнително реагираа зошто е поканет за учество на литургија за српски светител, а досега не бил поканет, иако имало позначајни поводи за таква посета. Очигледно е направен гаф“, велат изворите на „религија.мк“.
Неофицијално, веста дека не треба да патува во Софија, на Архиепископот Стефан, телефонски му ја соопштил, митрополитот Кипријан од Стара Загора, кој има пријателски релации со МПЦ-ОА.
Пред неколку дена во Архиепископијата во Скопје гостин бил бугарскиот Амбасадор Жељаско Радуков. За средбата извести и скопската епархија, но без детали за што е разговарано.
Инаку литургијата во Софија предизвика жестоки реакции во бугарската јавност, затоа што, наводно, патријархот Даниил дека ја прекршил синодската одлука на БПЦ од 2017 година за несослужување со архијери на СПЦ, откако српската црква ги канонизираше Сурдулучките маченици, чија смрт е поврзана со бугарската армија од Првата светска војна.