Арсовска тврди дека од касата на МКЦ биле „повлечени“ 100.000 евра, од Центарот велат – ова се тешки инсинуации!

„Ревизијата која Град Скопје ја врши во Младинскиот културен центар досега покажала дека минатата година биле склучени над 250 договори за ангажирање луѓе спротивно на закон, без да се потпишат договори за времено вработување или да се ангажираат преку Агенција за привремени вработувања. Најмногу од ангажираните биле членови на ВМРО-ДПМНЕ, а од вкушниот број договори дури 90 биле со шанкери, кои месечно добивале од 350 до 750 евра“.

Ова на денешната прес конференција го изнесе градоначалничката Данела Арсовска, која посочи дека токму сознанијата од досегашната ревизија биле клучни за функцијата на поранешниот в.д. директор на МКЦ, Ванчо Богоев.

Арсовска тврди дека од главната благајна на МКЦ биле подигнати повеќе од 100.000 евра, односно 6,2 милиони денари, кои биле повлекувани без соодветна документација, па како што рече ова „испумпување“ средства некој мора да го објасни, затоа што се работи за сериозна злоупотреба на парите од буџетот на Градот и на граѓаните.

„Го повикувам Богоев да објасни за договорот со кој бил издаден просторот од 320 метри квадратни по цена од 2,7 евра од квадрат во центарот на градот на компанијата „Пасворд продукција“, на која договорот и завршил во март минатата година – рече Арсовска.

Градоначалничката смета дека многу лажни вести и неточни информации проциркулирале во јавноста поврзани за последните случувања во МКЦ.

Таа посочи дека не е точна информацијата дека Богоев бил разрешен, туку му завршил договорот според кој бил назначен за вршител на должноста.

Арсовска прецизира дека минатата година на МКЦ од основниот буџет на Град Скопје му биле одобрени 10,7 милиони денари, а оваа година 8,7 милиони денари.

„Намалувањето во вкупен износ е незначително и во ниту еден случај не е заради тоа што Градот нема интерес оваа институција да функционира, туку напротив МКЦ мора да работи и може да работи самоодржливо со капацитетите со кои располага. МКЦ е една од институциите која има најголем потенцијал самоодржливо да работи, без дотации, односно без субвенции од Градот затоа што остварува сопствени приходи од над 33 милиони денари“ – рече Арсовска.

Стигна и демант од МКЦ:

„Програмскиот колегиум на ЈУ МКЦ е шокиран и целосно згрозен од изнесувањата на прес конференцијата на Градоначалничката на Град Скопје.

Најостро ги ДЕМАНТИРАМЕ изнесувањата на прес конференцијата кои содржат тешки инсинуации, неосновани обвинувања и податоци, како и непоткрепени информации целосно извадени од контекст.

Истите тие се предмет на клевета согласно законските прописи и нивна цел е целосно нарушување на интегритетот на институцијата и вработените кои се предмет на овие обвинувања.

За таа цел, свикуваме итна прес конференција во ЈУ Младински културен центар во петок, 27.01.2023 во 10 часот на кои ги свикуваме медиумите и заинтересираната јавност, за одговор од страна на МКЦ“.