Арсовска: Претседателката на УО на „Комунална“ е осудена за убиство – 3 години саботира нова опрема

„Јулијана е осуден криминалец со казна затвор за убиство. Таа три години не гласа за нови камиони, за инвестициска програма, за вработените кои пет години ги чистат улиците да можат да земат решение“, напиша Арсовска.

Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, денеска остро ја обвини Јулијана Спировска, претседателка на Управниот одбор на ЈП „Комунална хигиена“, дека ја саботира работата на претпријатието и со години опструира одлуки од витално значење за функционирањето на службите за одржување на јавната чистота.

Во објава на Фејсбук, Арсовска вели дека Спировска е осудено лице за кривично дело убиство и дека, како што тврди, три години не поддржала ниту една инвестиција за нова механизација, ниту решенија за вработување на работниците кои со години работат на терен.

„Јулијана е осуден криминалец со казна затвор за убиство. Таа три години не гласа за нови камиони, за инвестициска програма, за вработените кои пет години ги чистат улиците да можат да земат решение“, напиша Арсовска.

Според неа, Спировска делува под директива на ВМРО-ДПМНЕ и „Вреди“, чиј што кадар е поставен во Управниот одбор преку Советот на Градот. Арсовска директно ги обвинува овие партии дека преку Спировска ја саботираат работата на претпријатието и придонесуваат за влошување на состојбата со отпадот во Скопје.

„Јулијана по наредба на ВМРО континуирано прави опструкции додека градот не се удави во смет. Не биди ѓубре, не биди криминалец, не биди Јулијана“, додава Арсовска.

Таа истакна дека вработените во „Комунална хигиена“ се едни од највредните работници во градот и дека заслужуваат институционална поддршка, а не, како што вели, саботажа од партиски кадри.