Арсовска по пресудата: „Командант Барути“ цинично се смееше и не покажа ни трошка каење
Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска ја поздрави судската одлука со која Сулејман Љамалари доби 2-годишна затворска казна за нападот врз неа во општина Чаир. Арсовска порача дека ова е системска победа за жртвите на насилство, за секоја жена и мајка, за напад кој претставуваше и атак врз институцијата градоначалник.

-Насилникот не покажа ни трошка каење за стореното, со својот однос континуирано се исмеваше со судот и јавноста. Дури се обиде жртвата да ја претстави како напаѓач, а себеси иако е насилник да се претстави дека бил тепан од жена, истакна градоначалничката.
Според Арсовска, цинично, со исмевање на судот и јавноста, Љамалари, познат како „командант Барути“ до последен момент, бил уверен дека нема да му следи казна, пласирајќи приказна дека е тепан.
-Најбизарен беше моментот кога неговата адвокатка ги започна со обид за заплашување и влијание врз судот своите завршни зборови, со користење на изјава од Министерот за внатрешни работи Тошковски, дека напаѓачот бил жртва. Запаметете ја оваа мудра министерска мисла “НАПАЃАЧОТ БИЛ ЖРТВА”. Затоа има фемициди, затоа жените кои се жртви на насилство не можат да се изборат со системот, бидејќи системот ги брани напаѓачите, истакна градоначалничката.