Арсовска: Мостот „Беласица“ е безбеден, треба санација од страна на ЕСМ во долниот дел

Мостот „Беласица“ е безбеден и тоа постои како податок според вештачењето. Но, за да се пушти во целост, треба санација во долниот дел. ЕСМ ја презеде обврската за санација во долниот дел и откако тоа ќе заврши, тогаш ќе треба да се почне со поставување на цевките за топлинска енергија кои што се извадени после пожарот што во мај го зафати мостот, изјави денеска градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска.

Таа додаде дека мостот има минорни оштетувања, кои не ја ефектуираат стабилноста и безбедноста.

-Постојат минорни оштетувања на мостот кои не ја ефектуираат стабилноста и безбедноста, меѓутоа тој мора да се санира првенствено од штетата која што е предизвикана од горењето. Таа санација не ја прави ниту Градот Скопје, ниту трето лице, ја прави оној којшто треба да ја изврши монтажата на тој потег. Откако ЕСМ ќе заврши со иницијалната санација, ќе отпочне со монтирање на цевководот. И едното и другото се нивна обврска. Во ова Градот Скопје нема никаков импут, никаква обврска, ниту пак некакво влијание, а не е надлежна во одреден рок да им наложи да ги монтираат работите кои се во интерес на тоа да се отпочне грејната сезона на време, изјави Арсовска, по денешната прес-конференцијата поврзана со изборот на Скопје – европска престолнина на културата 2028.

Градоначалничката најави и постапки против лица кои што ширеле лаги и невистини за безбедноста на мостот „Беласица“.

Работници на ЕСМ денеска биле спречени да работат затоа што, според Арсовска, не поседуваат соодветна документација за работа за постапување со тешки товарни возила.